Оддалеку изгледа како далечен пејсаж, посебна природна атракција. Сместен во удобна мешавина од атракции и локален шарм. Манастирот Свети Никола доминира во околината над селото Прилепец само на десетина километри од градот. Само историските споменици, чумци и други предмети се “неми” сведоци за градскиот живот на некогашен Прилепец.
Од 25 сега има 5-6 фамилии во селото. На липата, леската, јасенот, габерот, есента им ја соголила лисјената руба. Сепак прават фантастичен венец кој зрачи со нијанси на различни бои над манастирскиот комплекс, разубавувајќи го пределот. Привлечност, милина, свежина, смиреност и убавина. Светонеделската чешмичка со лековита вода потсетува како тука да е се “живо и здраво”. Тоа е доволно манастирот да биде духовен центар, а порано и како детско одморалиште, зашто се претставува на најубаво и на најчисто место за планински туризам.
– Убавината ја забележаа доктори. Тие го препорачуваа за лекување од туберколоза, астма, срцеви заболувања. Болните, кои видоа аир, купија и насадија родни дрвја над манастирот кој беше како охридски бисер во недопрената природа. Калина Попадиноска и Орде Вртан ги организираа посетите – се сеќава Методија Велкоски.
Манастирот расплагаше со добиток, економија, со овци, кози, говеда, а и земја, расадник и ливади. Тоа гарантира здрава исхрана и незаборавна релаксација и одмор.
Конакот е од тврда градба обновен со 16 чисти и уредени соби со кревети.
– Дотерани се просториите за момоците и магерница. Поставена е нова електрична иснталација, донесена е вода. Сé е варосано. Нов вар доби и црквата. Обновена е и трпезаријата со кујната. Даруваат луѓе од странство – кажуваат неколкуте селани.
Велат дека последниве години манастирските конаци се преуредени по децении незакована шајка, без некој нешто да чепни. Но, сега се работи домаќински да им се фати окото на посетителите, да прекажуваат, да сликаат и да ги пренесуваат пријатните мигови и доживувања во духовниот комплекс во чиј центар е црквата Свети Никола. И патот е поддотеран за полесен пристап. Се стигнува со постар автомобил за кусо време и при вренези. Најарно е пеш да се почувстува природата и божјиот дар.
Манастирот е изграден 1872 година. Го носи името на светецот Никола кој имал чудотворна исцелителна моќ, а им помогал на луѓето и парично и со поклони посебно пред Божик. На денот Свети Никола и бродовите застанувале…
Во Бивша Југославија имало постојано монаси, а по ослободувањето, околината била место за предвоената обука на Народната одбрана.
После, манастирот станал срцето на еснафот на дограмаџиите и самарџиите кои вложувале за одржување и за надградување на манастирското “богатство”. Секој еснаф изградил посебна соба која била симбол на занаетот и се пренесувала како завештание на потомците и на новите мајстори.
Покрај летната слава Свети Никола, манастирот го прославува и втори јуни Свети Талалеј.
Постарите жители се сеќаваат дека манастирот во последната војна бил партизанско засолниште. Одредите денски напаѓале и биеле жестоки битки со окупаторските сили, а ноќе се повлекувале и се сокривале таинствено, да се одморат, без никој да не ги забележи во манастирските конаци.
Во близина е изграден споменик на деветмина загинати од 12 борци, кои се бореле против бугарските окупатори во 1942 година.
Легенда за коњаник
На врвот Коњаник над Прилепец имало кладенец, езеро за кое жителите на селото, раскажуваат дека имало многу вода. Селаните ја запирале, затворајќи го езерото со волна. Некој овчар изрезбарил стап и го пуштил во кладенецот. Стапот бил пронајден во Егејското море, се вели во преданието, за кое сведочат селаните и го пренесуваат од колено на колено.
Извор: Неделник Зенит