Сплит – убав далматински град со дух и култура – ФОТО

Split2

Сплит е град во Хрватска и административно седиште на Сплитско далматинската жупанија. Најголем град во Далмација и втор по големина во Хрватска. Значаен историско културен град – светско наследство на УНЕСКО. Патот кон овој град на преубавото Јадранско море не одведе на крајот од минатата и почетокот на 2017 година.

Група од околу 50  вљубеници во потрага по убавото, организирани преку агенцијата Бран, стигнавме во овој убав далматински град на 31 декември.

И само што слеговме од автобусот тргнавме во потрага по убавото. Да откриеме зошто Сплит е еден од најубавите градови не само во Далмација, туку и во Хрватска. Не пречека љубезната сплитска водичка, која на почетокот не запозна со она што денес е важно за Сплит, дека живеат околу 170 илјади жители, од кои подоцна разбравме над 200 се Македонци. Ни посочи дека светец заштитник на градот е Св. Дуе, бискуп од Салона, маченик од 304 година, додека созаштитници се Св. Анастасие и блажени Арнир.

Katedralata Sv. Due

Нормално на самиот почеток ни раскажа дека Сплит низ историјата повеќе пати го менувал името, дека за потеклото има неколку верзии. Најпрво дека произлегува од растение кое овде растело во изобилство, а според друга теорија дека името настанало од латински збор односно зголемување на палата или палатица.

Нашата прошетка започнува најпрво покрај морето, па продолжува по шеталиштето – популарната Рива, при што дознаваме дека заради убавата местоположба и поволната клима Сплит е топол град со просечна годишна температура од 15 степени. Во тоа и сами се уверивме затоа што температурата беше околу 10 степени.

Splitska Riva

Настанувањето на градот се поврзува со градбата на Диоклецијановата палата (4 век), но на ова подрачје имало населба и пред Диоклецијан како грчка колонија. Интересна е приказната за Диокелцијан, римскиот цар кој владеел од 284 до 305 година, кој се викал Диоклес. Познат е како голем реформатор на Римското царство, но и озогласен прогонител на Христијаните, а себе си се сметал за Бог. Големата сплитска палата била изградена во неа да ги помине како е забежано во историските извори ,, старските денови,,.

Vnatre vo palatata

Zidinite na palatata

Сплит надвор од тврдините, во кои и денес живеат околу 2000 жители, започнал да се шири од седмиот век. И по доселувањето на Хрватите градот останал римски. Подоцна Сплит станал христинајски град па музејот станал црква, а подоцна било изградено и ѕвоното. Сплит бил под млетачка власт, подоцна под османлиска, кратко под француска , а најмногу под австорунгарска, па во Кралска Југославија за на крај да стане препознатлив хрватски град, кој постојано се развива.

По прошетката низ шеталишето, полека се упатуваме кон влезот на палатата, која е најголема и најдобро сочувана доцноантичка палата во светот. Водичот ни ја раскажува историјата за нејзината градба. Источниот и западниот ѕид се долги 216 метри, додека северниот 175. Во северниот дел била сместена војската, додека јужно биле царските простории. Во употреба бил и водовод кој донесувал вода од реката Јадро. Денеска во комлексот се сочувани ѕидините, трите врати , царскиот музеј со црквата Св. Дуе, Јупитеровиот храм, Храмот на сите богови и средишниот плоштад Перистил. Диоклецијан наредил да се изгради палатата со цел да ги помине последните години од животот по абдикацијата на 1 мај 305 година. Изградена  е во заливот кој се наоѓа на југоисточната страна на полуостровот. Плени со добрата сочуваност, со одличната архитектура. Значајна хрватска градба е  што од 1979 година е на листата на Светско наследство на УНЕСКО.

20161231_164900

Дознаваме дека има неправилна правоаголна форма со кули на западната, северната и источната страна. Опкружена е со ѕидини и има развиена архитектура. Монументалната капија во средината води во внатрешноста. Во јужниот дел се луксузните градби – императоровиот стан, свртен кон морето, јавните и култни гради. Монументалниот двор Перистил ги плени посетителите  Еден дел од северната палата не е добро сочувана. Видливо е дека палатата е градена со квалитетен камен, воглавно од островот Брач.

Водичот ни раскажа и за Сплитската катедрала  позната како Св. Дуе, посветена на Блажена Девица Марија, која првобитно била царски музеј, изграден во четврти век. Се смета дека катедралата е една од најстарите во светот. Воочи смрта на царот, со Миланскиот едикт во 313 година Христијаните добиле слобода на вероисповест, за подоцна надбискупот Иван Равенјанин во седмиот век да ја уреди црквата.

Позната е по дрвените врати што ги изработил домашниот мајстор Андрија, по ѕвоното изградено во 13 век. Градбата е со октоаголен облик и има периптер со 24 мермерни столбови со коринтски капители. Порталот на катедралата е антички. На врвот на порталот има саркофаг во кој се сместени остатоците од Катерина и Маргарита, ќерките на кралот Бела 4. Внатре е округла  со четвртасти и полукружни ниши, во кои се ставале обележја на богови и на цареви.  Има и медалјони со ликовите на царот Диоклецијан и неговата жена. Внатре има обележја со ликот на свети Дуе.

Откако се прават фотографиите, обиколката продолжува низ тесните улички на палатата. Се забележуваат интересни куќи, прилепени една до друга. Прошетката продолжува кон вратата од другата страна на палатата, покрај споменикот на Григор Нински, за да продолжи низ улицата во која се поредени бројни продавници од светски брендови.

20161231_154446

Атмосферата е многу убава, весела. Од сите страни се слуша музика. Видливо е дека се посветува внимание на чистотата, уреденоста.

По обиколката се вративме во хотелот да се одмориме малку, па повторно да се вратиме во вечерните часови на Рива, каде се случуваат најважните активности во градот, во кој секоја година се одржуваат Сплитско лето, повеќе фестивали и манифестации кои го предизвикуваат интересот кај многубројните туристи.

Вечерта нормално заедно со Спличани ја дочекавме новата 2017 година во ведро и весело расположение со убавиот шмек што ни го направи Петар Грашо, исполнувајќи ги сите негови хитови.

Pogled od Peristolot

Следниот ден повторно во откривање на убавините на стариот дел од градот. Овој пат сами. Секоја уличка своја приказна. Неизбежна и посетата на сувенирници. Да се купи нешто за спомен.  И  наеднаш случајна средба со Македонка која веќе 40 години живее во убавиот далматински град. Дошла тука на одмор, се заљубила и останала како што вели во мој убав Сплит.

И како што се вели, се што е убаво кратко трае, така и нашата дводневна посета на далматинскиот град полека заврши. Заминавме со желба повторно да дојдеме тука, да го почуствуваме далматинскиот дух, не само преку песната, храната, туку и по гостопримливоста.

20161231_154903

Текст и фото Каролина Мицевска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.