Од 28-ми до 30-ти Април 2017 година, во Стара Загора, Р. Бугарија се одржа 24-от меѓународен театарски фестивал на француски јазик за ученици од средни училишта во кои се изучува францускиот јазик.
На фестивалот учествуваа 10 средни училишта со свои театарски групи, со вкупно 70 ученици. Меѓу нив беше и Марија Митреска, ученичка во гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Таа на фестивалот настапи со монологот „Лора“ кој претставува композиција од фрагменти и реплики на женскиот лик од интегралниот драмски текст „Лора“ на авторот Маринко Шлакески.
Монологот не беше критериум за учество, туку беше избор на нашата тетарска екипа која беше единствената на фестивалот која настапи со таква форма на драмско изразување. И токму монологот, кој е најтешката драмска форма за сценска изведба, на Марија и ја донесе најпрестижната награда на фестивалот.
Марија Митреска доби СПЕЦИЈАЛНА НАГРАДА ЗА ДРАМСКИ ЛИК за улогата на Лора од драмскиот текст “Лора”.
Марија е одличен ученик, одлично го владее францускиот јазик и имаше брилијантен настап на фестивалот со што по сите критериуми заслужено ја доби оваа награда. Оваа награда е единствена и ексклузивно ја доделува градот Стара Загора.
Автор на драмскиот текст и режисер на монологот е професорот по драмска уметност и англиски јазик Маринко Шлакески.