Довербата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Специјалното јавно обвинителство е помала, во однос на таа што ја имал кога се борел таа инстутуција да биде формирана.
За бегството на експремиерот Никола Груевски не изнесува информации, нагласувајќи оти МВР постапило според своите надлежности и повтори дека не може да дејствува доколку против некое лице не е распишана национална, ниту меѓународна потерница.
Министерот денека на брифингот со новинари вели дека за тој случај има многу отворени прашања, за кои ќе дојде времето да бидат затворени.
Истакна дека тој лично не е задоволен од последните одлуките за укинување на мерките притвор, меѓутоа нагласува дека МВР има надлежности пропишани со закон од кои не смее да излегува, без разлика дали се согласува или не се согласува со некои одлуки. Вели дека поминало времето на УДБА и дека потреба е да се разбере дека МВР треба да работи во законски рамки во кои ќе ги почитува човековите права.
МВР откако ќе биде донесена одлука за укинување мерка притвор и нејзино преиначување во мерка домашен притвор, единствено е надлежно за обезбедување на објектот во кое престојува лицето. Овластени службени лица од подрачната полициска станица во определен временски интервал од денот вршат проверка во домот на лицето, но таму не се 24 часа.
Апелацискиот суд Скопје денеска соопшти дека мерката притвор се укинува и против обвинетите Ненад Јосифови, Кирил Божиновски, Зорица Арсовска и Миле Јанакиевски од Скопје. Одредена им е мерка куќен притвор. Вчера притворот е укинат за Јордан Камчев и Цветан Панделевски, осомничени во предметот „Империја“ на СЈО. И тие заминаа во домашен притвор.
Извор: “Пресс24”