СОУ “Ѓорче Петров” на гости во Ниш, ја реализираа третата АЦЕС средба

Од 6-ти до 9-ти април се реализира третата, и последна средба во рамките на проектот АЦЕС. Градот Ниш, Р. Србија, ја имаше честа да го заокружи кругот на средбите и активностите предвидени од трите партнерски училишта. На оваа средба целиот АЦЕС тим од СОУ “Ѓорче Петров” Прилеп, поддржан од директорот г-дин Дејан Димоски, на чело со координаторот Елизабета Милошеска – професор по англиски јазик, како и 15 ученици, го посетија партнерското училиште од градот Ниш, Р. Србија.

12932652_10205822484341989_1890589145868136352_n

На средбата присуствуваа и партнери од градот Вац, Унгарија. И оваа средба беше во знакот на активностите на темата “Солидарност” и мотото „Насмевката е најголем подарок“.

Домаќините од Ниш приредија срдечно добредојде и од се срце се потрудија престојот кај нив да остави силен впечаток. “Деновите поминати кај нив зрачеа со искрено гостопримство и поминаа како еден миг. Секој момент беше исполнет со нови доживувања и впечатоци и зачинет со нивната љубезност и гостопримливост”, раскажуваат професорите.

12122481_10205822484381990_4273187276743659223_n

“Додека траеше работилницата со учениците, раководена од професорката по социологија Нада Арсов, ние, наставниците од партнерските училишта, остваривме средба со директорот на училиштето, г-нот Милорад Вељковиќ и ги посетивме сите значајни места во Деловно – правното училиште, училниците, наставата и просториите, каде учениците ја реализираат практичната настава.

12963625_10209274288605206_2771570645527478201_n

Споделивме драгоцени искуства со нашите колеги и се разбира со учениците. Денот продолжи со посета на знаменитости на градот Ниш, како Тврдината и Археолошкиот музеј.  Попладнето бевме почестени со извонреден музички концерт, подготвен од учениците на ова училиште, хорот и сето тоа под раководство и диригентство на професорката по музика Наташа Жикиќ. Впечатоците се незаборавни. Уживавме во музичките изведби на хорот и на изведувачите. Свое учество на концертот зеде и играорната група од нашето домаќин – училиште. Со своја традиционална национална танцова изведба учествуваа и ученички од Медицинското училиште од градот Вац, а од нашето училиште ученикот Александар Здравков изведе неколку музички нумери, во придружба на Тамара Тодороска.

12933066_10209274325726134_6368277046403351943_n

Наредниот ден беше резервиран за посета на повеќе значајни културно – историски знаменитости на градот Ниш. По посетата на Концентрациониот логор од Втората Светска војна, којшто се наоѓа во непосредна близина на Ниш, го посетивме и споменикот на Стеван Синѓелич во месноста Чегар, а потоа и познатата „Челе – кула“ изградена од черепи на борци за слобода. Овие посети не оставија без коментар и ни помогнаа да се зацврсти во нас идеалот за слободата, за да знаеме да ја цениме оти ја имаме. Потоа следеше посета на манастирот Св.Петка, каде се восхитивме од чудотворната икона на Св. Петка и од изразот на нејзините очи. Манастирот се наоѓа во непосредна близина Ниш, а потоа ја посетивме и познатата Нишка Бања.

На оваа последна средба ги сублимиравме сите реализирани хумани активности, го проценивме ефектот од нивната реализација и заеднички се согласивме дека партнерството ќе резултира со подолгорочна соработка и размена на пријателства и искуства. Тоа се и најголемите придобивки од проектот АЦЕС. Имено, поентата е да се воспостави конекција што ќе трае и ќе се негува во иднина. Контактот ќе продолжи во долгорочно пријателство на повеќе основи меѓу партнерските училишта. А нашето досегашно искуство всушност и го покажува тоа.

12936579_10205822484421991_5712736784052997936_n

Ниш го напуштивме со солзи на очите и со срца загреани од убави спомени и впечатоци. И ние возрасните и учениците си ветивме дека партнерството ќе го продолжиме во искрено и трајно пријателство.

Им благодариме на нашите домаќини за срдечното гостопримство и прекрасно поминатите мигови, коишто се преточија во незаборавни спомени”, завршуваат со својот исказ од СОУ “Ѓорче Петров”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.