Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата седма седница на која го усвои Стратегискиот план на Народната банка на Република Македонија за периодот 2017 – 2019 година.
Определбата за одржување ниска и стабилна инфлација преку стратегијата на одржување стабилен курс на денарот во однос на еврото, одржувањето на финансиската стабилност како составен елемент на макроекономската стабилност и предуслов за остварување економски раст и просперитет, ќе бидат главниот стожер на активностите на Народната банка.
Стратегискиот план за 2017 – 2019 година претставува продолжение на претходно утврдените стратегиски цели во областа на утврдувањето и спроведувањето на монетарната политика и поддршката на финансиските пазари, управувањето со девизните резерви, одржувањето на финансиската стабилност, издавањето и управувањето со книжните и кованите пари, платните системи, статистиката и истражувачката дејност. Покрај тоа, Народната банка и натаму ќе го развива корпоративното управување и ќе го продлабочува системот на вредности. Во таа смисла, ќе продолжи процесот на создавање современ и компетентен човечки капитал, воспоставување на најновите технолошки иновации во деловните процеси, ефикасно управување со ризиците и на развивање на соработката со домашните и странските институции.
Советот, на денешната седница, ја донесе и Програмата за истражувачката активност во периодот 2017-2019 година. Истражувачката активност на Народната банка на Република Македонија во периодот 2017 – 2019 година ќе биде насочена кон области коишто се од значење за остварувањето на нејзините основни и други цели и на зајакнувањето на институционалниот капацитет. Предвидените истражувања треба да дадат поддршка на процесот на одлучување, да придонесат за поуспешно функционирање на Народната банка и за соочувањето со идните предизвици. Воедно, предвидените истражувања и анализи треба да придонесат и кон натамошно осовременување на работењето во Народната банка и подготовка за идното учество во Европскиот систем на централни банки.
Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ја усвои и Одлуката за издавање и Одлуката за пуштање во оптек на кованата пара за колекционерски цели „Владимирска’’ од серијата „Икони на Пресвета Богородица’’. Оваа кована пара е со апоен од 100 денари во количина од 7000 парчиња.
Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.