“СОНОТ НА КРШНИОТ ПОБРАТИМ” – Пишува Протоереј Љупче Петрески

– Побратиме! Мој кршен побратиме! Разбуди се.

– А! Што? Кој? Ааааа! Кој си ти?

– Твојот драг побратим, Благоја.

– Неее, ти си некое сениште, брадато и долгокосо! Мојот побратим Благоја е на оној свет веќе неколку години! Бегааај од менее!

– Побратиме, прибери си го акалот! Јас сум, Благоја. Ти се јавувам од оној свет. Морав да те видам и да направам лаф муабет со тебе, да си поприкажиме за груткава наша. По едно луле тутун да испушиме. Не можев да ти пишам од оној свет ама можам вака на сон да ти доаѓам!

– Еј, навистина си ти бре Благоја … побратиме. И, како е таму бре Благоја, на оној свет?

– Остај тоа сега, не смеам да зборувам за ваму. Туку ти кажи ми, побратиме, како е таму, во мојата Македонија?

– Ех, како е … како да ти кажам …ништо особено …

– Ех мој побратиме. Си се сменил. Никогаш не си криел ништо од мене … до сега! И, чинам, непара ти е мило ем драго што ме пулиш.
– Ама побратиме …

– Молчи побратиме, молчи! Лут сум на тебе, лут ифрит. Пламен ригам и од очиве веди секам. Затоа и ти дојдов на соне. И ќе ти идам, дур не се покаеш побратиме! Резил, брука и арам да ти е! Ме разочара … својот збор никогаш не си го погазил, на ветувањето дадено не си плукал и намузот си го чувал од блатење секакво … до сега! Како можеше, побратиме? Како? Деновиве, и јас сон тешко ловам, од што се прашувам: Што кијамет и студ ти фатила главата? Побратиме, откако седна во кожено седало, во она здание срамно во престолнинана, умот и разумот ги загуби. Најлошо е побратиме што, поради оние сурати стушени намузот си го извалка. Жити две очи, побратиме, немој да речеш дека и алчноста грамадна те зафатила?! Ех, ех … Побратиме бре! Ти, од сите други, дозволи силниот восхит од светлината на умот сопствен, во светечки занес, да го превидиш супстанцијалниот дефект и да ја укинеш нашата мајка Македонија!

Во билка ли се престори, побратиме? Во трева чкорлосана и за стокана недојадима? Во џбун или чалија што ни за потпалок не ја бива, од која нит кавал не се прави?

– Аман побратиме, аман Благоја … престани, те молам! Тињата ми е до грло а ножот до коски. Немој и ти, Благоја …

– Како аман, како побратиме? Уступи се и молкни. Ни слово понатака, ни буква! Како бре очите не ти капат од срам? Место да те „изеде срамот“, ти го „изеде“, го проголта па низ дебелото црево го истера! Место ти да се срамиш, јас се срамам … побратимеее!

Сега ќе одам. Дојдов за ова да ти го кажам, како на побратим, како на еден од најугледните, брилијантен ум кому рамен тешко да ќе да му има. И затоа, поради светлината на умот твој неспоредив, каил требаше да се сториш и да им застанеш упрекум на оние кои, без причина објаснива, името на нашата Македонија го сменија. На оние, кои веќе не се твои ама не се ни ничии: Слугите на натемаго. Е токму тие, побратиме, немаат ниту вера, ниту нација, а на одарот претсмртен, ниту обличје човечко имаат!

Одам сега, побратиме. Остани ми со здравје! Ќе дојдам јас пак, да испушиме по едно луле! Спиј сега … ако можеш.

– Не оди … не оди си налутен, Благојааа … Побратимее!
Утредента, кога се разбуди, на креденчето крај креветот, тој најде две лулиња! Градите го стегнаа …




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.