Сонот кој после 11 години стана јаве: Браќа од Прилеп 11 години, камен по камен го граделе овој величествен храм (Фото галерија)

Манастирот Покров на Пресвета Богородица се наоѓа во месноста Чалма – Прилеп, на неколку километри оддалечен од Прилеп, во непосредна близина на Волково село.

На 13.10.2018 година, се оствари сонот на браќата Никола и Љубе Спиркоски од Прилеп. После 11 години секојдневна работа, се освети манастирот „Покров на Пресвета Богородица“, кој тие двајцата со мала помош од други лица го граделе буквално секој ден, цели 11 години, тула по тула, камен по камен, со свои средства и дел донации од жителите и неколку фирми.

Манастирот започнала да го гради нивна братучеда во 2002 година, а во 2007 им го предале аманетот кој и’ дошол на сон.

Денеска овој свет храм зрачи со посебна убавина, а голем број луѓе го посетија и за празникот Успение на Пресвета Богородица.

Манастирот има конаци, кујна, прекрасно поплочен двор со клупи за одмор и поглед за мерак кон Пелагониско поле.

Се започнало во 2002 година, кога на ова место бил подигнат мал параклис. Браќата Спиркоски со своите четири раце секој ден качувале цигли, ќерамиди, кревале, влечеле со јажина, а крајниот подарок за сите граѓани е овој – манастир кој вреди да се посети и секогаш да се ужива.

Главната манастирска слава е на празникот „Покров на Пресвета Богородица“, а другата слава им е „Свети Трифун“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.