Совршен ден кај Градскиот Саат во Прилеп – Кој дојде имаше што да види, да проба и да купи (Фото галерија/Видео)

Во организација на “Слоу фуд Прилеп”, денеска на платото пред Градскиот Саат, градот под Марковите Кули по четврти пат беше домаќин на Фестивалот “Млеко 2025”.

Годинешната манифестација се реализира под мотото: Гласот на сточарите со цел да се акцентира работата и придонесот на сточарите и малите локални преработувачи на млечни производи кои ги пренесуваат автентичните вкусови на традиционалното сирење и други млечни производи.

Покрај производители на млечни производи, на настанот традиционално беа претставени повеќе производители на ракија, вино, рачни изработки, разни други органски производи и козметика.

Платото пред Саат кулата беше претворено во вкусна и шарена сцена, а стотиците прилепчани кои го посетија настанот дегустираа, се дружеа, уживаа во убавото време и староградската песна, и секако купија од се по нешто за дома.

Програмата ќе продолжи вечерва, кај Камената бина во центарот на Прилеп. Таму, дечките од Слоу Фуд Млади Македонија заедно со шеф Маре Јаневска ќе приготват Диско Супа – вкусна, креативна и по малку бунтовна супа, направена од намирници кои инаку би завршиле во отпад.

А додека супата се подготвува, сцената ќе ја оживеат Јана Мрческа & Баже – млади, енергични и полни со ритам. Ќе има песна, ќе има смеа, и ќе има порака: храната е премногу вредна за да се фрли.

Преку фотографии и видео ви пренесуваме дел од атмосферата:




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.