Писмо од читател:
-Сакам да прашам дали некој навистина води сметка за заштита на продавачите во пазарот кои редовно си ги подмируваат давачките, а воедно засегнати се сите пиљари и продавници кои по закон работат, од дивите улични продавачи кои се накотија низ градот.
Овој проблем се наметнува многу години наназад и не е отсега, но никој не се дрзна да го реши проблемот со истите. Ако не знаете како, имате пример во Кавадарци, секој кој сака да продава може во градскиот пазар.
Истото може и кај нас. Јас воедно како поранешен претседател на Здружението “Пазари-Прилеп”, сум апелирал до локалните самоуправи и инспекторатот, и тоа многу години наназад, но никогаш не се нашло решение.
Да не бидам погрешно разбран, прво станува збор за целосноа неискористеност на тезгите во пазарот, нехигиена и загадувањето на околината каде што се лоцираат горе наведените продавачи.
И трето, што е најбитно, го загрозуваат движењето на возилата и граѓаните токму поради нивната лоцираност. Господа советници и институции од локалната самоуправа, дајте погрижете се овој проблем еднаш засекогаш да биде решен, навистина градот да си го добие она што со години го заслужува, чист убав и среден. А градскиот пазар да си го добие вистинското светло, како што и беше некогаш, а не полека, полека, да си го уништиме и она малку вредно што ни остана. Ви благодарам однапред на разбирањето!