На 09.07.2016 година Советот на Млади на Општина Велес одржа Свечена седница по повод една година од своето постоење. На седницата присуствуваа Градоначалникот на Опптина Велес, г – дин Славчо Чадиев, претседателот на Советот на Општина Велес г – дин Александар Колев, советници на Советот на Општина Велес, претставници на институции и установи, пријатели, здруженија и организациии како и поединци со кои Советот на Млади има развиено соработка.
Во една година постоење и работа спроведовме низа на проекти и настани кои искрено се надевам делуваа во насока на унапредување на развојот на младинските политики и интересите на младите во Општината. Ќе споменам само дел покрупните проекти. Проектот Здрави навики – здрав живот, реализиран во соработка со Студентскиот парламент на Технолошко – техничкиот факултет од Велес, каде успеавме да анкетираме 1200 млади велешани за нивниот начин на исхрана, а подоцна преку едукации и работилници истите да ги информираме за придобивките од здравата исхрана и здравите навики. Проектот Летна школа за млади копаничари и етно работилници, во соработка со ЗГ „Разбој“, со којшто преку 70 ученици од основните и средни училишта, 10 дена ги изучуваа старите традиционални занаети кои со години се негувале во Велес. Повеќе хуманитарни настани, театарски претстави, спортски турнири, трибини и презентации… изјави Филип Спиркоски – претседател на Совет на млади на Општина Велес.
Во рамки на одбележувањето на годишнината, Советот на млади при Општина Велес беше домаќин на делегацијата од Долни Милановац од Република Србија. Иако најчесто врските на две држави, на два народа, на два града започнуваат како по правило преку културата и културните манифестации, соработката на Велес и Долни Милановац започнува со соработка на младите. Советот на млади при Општина Велес и младинската иницијатива „Сакам – можам “ од Долни Милановац потпишаа меморандум за соработка што ќе биде темел за активностите кои ќе следат во нареден период.