Собраните средства од хуманитарниот концерт во чест на Др. Лилјана Зероска, донирани во дневниот центар “Ѕуница”

Во организација на Др. Зероски и покровителство на “Лајонс клуб” од Прилеп и “Кафе Чоше”, на 31.08.2023г. во Прилеп се одржа крводарителска акција во спомен на Др. Лилјана Зероска, основач на трансфузиолошката служба во Прилеп.

Акцијата се одржа во соработка со Црвениот крст од градот под Марковите Кули, а свој придонес дадоја 30 крводарители, на кои потоа им беа врачени благодарници.

Во вечерните часови, се одржа и хуманитарен концерт кај Градскиот Саат, каде настапија младиот вокал Филип Николоски, младите таленти од музичкото училиште “Матрикс”, дуото Борче и Игор, како и Теди и Рубин и Ѓоко Ѓорчев.

Собраните средства од концертот сега пристигнаа до крајната дестинација, а тоа е центарот за деца со попреченост во “Ѕуница” во Прилеп.

Донацијата од 22.000 денари со сигурност ќе биде од помош на оваа институција, а организаторите на овој настан упатуваат благодарност до сите кои донираа и се надеваат дека истиот ќе премине во традиција под мотото: “Сите деца да бидат еднакви и среќни“.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.