„СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА“ – Изложба на фотографии посветена на битолските порти на “БИТ ФЕСТ”

Портите не се само дрвени или железни премини — тие се неми сведоци на времето, чувари на сеќавањата, граничник меѓу јавното и личното, надворешното и внатрешното. Секоја порта крие приказна – за домот, за семејството, за минатото кое живее зад неа.

Оваа година изложбата на фотографии „СО ЉУБОВ ОД БИТОЛА“ која ЦЕРИ ја реализира по тринаесетти пат е посветена на битолските порти.

На овогодишниот конкурс свои фотографии испратија 36 фотографи. Од вкупно пристигнатите повеќе од 130 фотографии стручното жири во состав: Димитар Чунговски фотограф и мајстор на фотографија , Кети Талевска Бакревска – фотограф и Диоген Хаџи – Коста Милевски – фотограф направија селекција на 30-те фотографии кои ќе бидат дел од овогодинешната изложба и ги доделија наградите на трите најдобри фотографии и пофалници за три фотографии за нивниот исклучителен квалитет.

Изложбата СО ЉУБOВ ОД БИТОЛА 2025: „Битолските порти“ ќе се отвори на 14.08.2025 – четврток во 19:30 часот во галерискиот простор на фоајето на НУ Центар за култура Битола. На свеченото отворање ќе бидат прогласени победниците и наградените.

Сите фотографии кои пристигнаа на конкурсот, а не беа селектирани како дел од изложбата ќе бидат дел од електронската изложба која ќе биде прикажана на денот на отворањето 14.08.2025 – четврток од 19:30 часот.

„Оваа изложба не ни ги покажува само портите како архитектонски елементи, туку како симболи на премин, зачувување и отпор“, нагласуваат од ЦЕРИ.

Ова 13-то издание на изложбата е дел од годишната програма на НУ Центар за култура Битола и е финансиски поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Како своевидна ризница и дигитална фотографска библиотека на Битола – проектот „СО ЉУБOВ ОД БИТОЛА“ и оваа година е дел од Битолското културно лето Бит-Фест 2025 и е поддржан од Општина Битола.

Ве покануваме да ја посетите оваа исклучителна изложба и да ѕирнете низ портите на Битола.

Сите љубители на фотографијата ќе имаат можност да ја погледнат изложбата од 14.08.2025 до 30.08.2025 во периодот на работно време на Центар за култура Битола




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.