Со шаховски турнир во спомен домот на Блаже Конески во прилепско Небрегово, одбележани 76 години од основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија (Фото галерија)

По повод 76 години од основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија, НУ Завод и музеј Прилеп, КЕЦ „Небрегово“ и Шаховскиот клуб „Прилеп“ организираа меморијален турнир во шах на кој учество зедоа неколку реномирани екипи од Македонија при што заслужено победи екипата на ШК Шах Шех од Битола пред ШК Штајниц од Битола и ШК Прилеп.

Турнирот се одржа во с. Небрегово во родната куќа на првиот претседател на ШСМ академик Блаже Конески – основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик кој е душата на еден народ, дел од културната меморија и стожер на идентитетот. Македонскиот јазик, литература и култура Конески го промовираше и негуваше насекаде низ светот.

-Посебна благодарност до организаторите директорот Горанчо Цветкоски, професорот Атанас Конески и ИМ Тони Кироски кои направија настан за паметење со оглед на преземената обврска секоја година да го чествуваат 18 Август денот на основањето на Шаховскиот сојуз на Македонија. Само за потсетување Блаже Конески бил голем љубител на шахот и настапил на првиот екипен шампионат на Југославија во далечната 1946 година играјќи за екипата на Работнички при што ремизирал против велемајсторот Александар Матановиќ еден од најдобрите југословенски шахисти. Настапот во полуфиналето на Југославија бил негов прв и последен официјален настап на едно напреварување. Поради неговата голема љубов и посветеност кон шахот, во 1948 година на изборното собрание Блаже Конески бил избран за прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија. Според кажувањата на постарите љубители на шахот бил многу ревносен како претседател, но поради обврските на факултетот и писателската дејност по неколу години се повлекол од функцијата и и дал предност на литературата – стои во соопштението од организаторите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.