Проектот за помош на старите и изнемоштени лица во Прилеп се одвива во континуитет. Денеска градоначалникот Марјан Ристески заедно со Ирена Стерјовска Локвенец директорка на домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ организираа посета на неколку кориснички на проектот „Супер Марио“. Корисничките се задоволни од реализацијата на овој проект, велат дека истиот треба да продолжи и во иднина.
„Задоволна сум и од проектот и од Блага, таа секој ден е со мене за се што ми треба“, раскажува Стаќа Дојчиноска.
„Дијана ми ги купува потребните намирници, ме носи до уред, ми зема лекови, ми чисти вели Грозда Ристеска.
„Презадоволна сум од проектот. Откако ни почина детето овде со нас се и Зоран, а сега и Марјана, таа ми е како ќерка, ни помагаат за се, низ солзи ни раскажа Блага Петреска корисничка на проектот.
Ги запрашавме и ангажираните лица кои ги сретнавме на терен, за тоа како го оценуваат проектот и што најмногу им е потребно на корисниците на истиот.
Блага Петреска која работи на проектот посочува дека е задоволна, бидејќи многу ги сака сите шест жени кои ги опслужува, а преку овој проект ја искажувам и мојата хуманост.
Со импресии за работата и активноста преку овој проект раскажува и Дијана Николоска:
„Прилично сум задоволна и од жените и од проектот, опслужувам шест жени, заедно пиеме кафе, разговараме мислам дека тоа им е најпотребно, им плаќам сметки, би сакала искрено овој проект да продолжи“, посочува Дијана ангажирано лице преку проектот „Супер Марио“.
Градоначалникот Марјан Ристески ги поздрави сите фамилии и посочи дека реализацијата на овој проект ќе продолжи и понатаму, а во иднина најави и негово проширување.
Ирена Стерјовска Локвенец директорка на домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“ посочи дека насмевките на старите лица не задолжуваат и понатаму да работиме на продолжување и проширување на проектот „Супер Марио“. На овој начин покажуваме дека граѓаните на општина Прилеп во оваа старосна доба да небидат заборавени. Како дом за стари лица правиме и чести екскурзии и прошетки, а оваа година во мај одиме во Охрид каде ќе ги вклучиме и корисниците на овој проект“, посочи Ирена Стерјовска.
Домот за стари лица и локалната самоуправа на овој начин обезбедуваат подобри услови за живот на преку 100 семејства на стари лица.
Проектот започна да се реализира во ноември месец 2013-тата година и досега општина Прилеп преку проектот има ангажирано 11 волонтери кои опслужуваат 60-тина стари и изнемоштени лица кои ги посетуваат трипати неделно со задржување кај нив до еден и пол час.