Со поднесените измени на законот за политички партии ќе се спречи ширење омраза и постоење фашистички партии

Ако антифашизмот важи за здруженија, треба да важи и за партии

Со новиот предлог закон со кој ќе се направат измени и дополнувања на Законот за политички партии, во Македонија ќе се забрани името и ознаките на политичката партија да содржат симболи, зборови, крaтаенки кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал социјализам и третиот рајх. Политичките партии ќе треба да ги усогласат своите имиња со овој закон во рок од три месеци.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески и пратеничката Соња Мираковска до Собранието предложија измени и дополнувања на Законот за политичките партии, по скратена постапка. Целта на предлогот е да се зголеми транспарентноста и дистанцирање од фашизмот, нацизмот и нациоанал-социјализмот.

Со предлог законот ќе се овозможи поголема транспарентност, како на постоечките така и на идните политички партии, гарантирање на правната сигурност на граѓаните својствени за една демократска, современа и цивилизирана правна држава, се наведува во предложениот текст.

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии содржи четири члена.

Со членот 1 се допрецизира одредбата за програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии да не можат да бидат насочени разгорување на национална, расна или верска омраза,нетрпеливост,етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам,нацизам,национал-социјализам и третиот рајх или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот Рајх.
Со членот 2 се дополнува членот 16 со два нови става во кои е уредено дека: (4) Статутот на политичката партија не смее да содржи одредби кои предизвикуваат расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал социјализам и Третиот Рајх.
Во образложението на Законот, објавен на веб страната на Собранието, стои дека со Предлог законот се заштитуваат демократските вредности како и принципите на правната сигурност на граѓаните во едно демократско општество. Се очекува законот да биде ставен на денен ред на денешната 88. седница.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште не се произнесува дали ќе го поддржи овој законски текст.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.