На просторот околу поранешен хотел “Скопје”, започна реализацијата на еден од проектите за кои Прилеп доби пари од Владата од унгарскиот кредит.
Станува збор за мини плоштад, со уредена пешачка патека и поставување на урбана опрема, со што овој дел ќе дојде како продолжение на плоштадот “Методија Андонов-Ченто”, ќе има повеќе простор за пешачење, а ќе се тргнат и возилата, кои често на овој простор се паркирани на сите страни.
Парите за овој проект општина Прилеп ги доби преку вториот Јавен повик за инвестиции во Општините од Владата, како дел од финансиската инјекција од унгарскиот кредит.
Покрај за реализација на овој мини плоштад, Прилеп пари доби и за следните проекти:
• Изградба на мост на улицата „Победа“ над реката Оревоечка
• Реконструкција на улицата „Орде Чопела“ – влез во градот од правец на Македонски Брод
• Комплетна реконструкција на улицата „Трајко Николоски“ – со електроинсталации
• Ново детско игралиште во центарот на градот (зад Участакот)
• Ново детско игралиште на улицата „Борка Спиркоски“ во Типската населба
• Изградба на водоснабдителен систем во село Лениште
• Реконструкција на главниот потисен цевковод за Индустриската зона и манастирот „Св. Димитрија“ во с. Селце
• Изградба на фотонапонска централа на објектот на Пречистителната станица
• Интеграција на дистрибуирани водоводни локации со SCADA и GIS системите
• Замена на дотраена водоводна мрежа – потег бул. „Гоце Делчев“ до ул. „Ленин“ (фаза хидротехника)
• Реконструкција на фасадата на ООУ „Рампо Левката“
• Поставување полуподземни контејнери на 21 локација низ градот


























