Во чест на прерано починатиот великан на прилепскиот ракомет, Миле Нешкоски, годинава по втор пат се организира меморијалниот турнир во ракомет кој го носи неговото име.
Денеска со оддавање на почит и положување на цвеќе на спомен плочата пред неговиот втор дом, Универзалната сала во Прилеп, градоначалникот на општина Прилеп, ракометните работници, неговите клубски колеги, неговите најблиски и ракометната ѕвезда Наумче Мојсовски, се присетија на убавите моменти поминати заедно и на неговиот учинок за прилепскиот и македонскиот ракомет.
Неговиот лик присутните го опишаа пред се како одличен спортист, кој умеел во многу спортови, дете на чаршијата, добар човек кој успеал да се докаже на многу полиња и кој целиот живот го посветил на развојот на ракометот.
Меморијалниот турнир “Миле Нешкоски” се одржува втора година по ред, а оваа година ќе се натпреваруваат 6 клубови, поделени во 2 групи. Освен домаќинот РК Прилеп, на турнирот учевствуваат уште екипите на: Пролет, Пелистер, Борец, Охрид и Еурофарм Работник.
[Best_Wordpress_Gallery id=”347″ gal_title=”TurnirMileNeskoski”]
Благодарение на поддршката од Локалната самоуправа на општина Прилеп, се очекува турнирот во иднина да расте и да премине во едно значајно натпреварување, што ќе биде предизвик за многу клубови, во и надовор од државата.
Турнирот ќе се одвива во наредните 4 дена, а започнува со вечерашните два натпревари Еурофарм Работник – Охрид од 17 часот, а од 19 часот играат домаќинот РК Прилеп и Пролет Тинекс.
Влезот за натпреварите е бесплатен!
A.Г.