Со маестрален концерт на култните “Леб и Сол” на античкиот локалитет Хераклеја, синоќа започна 17. издание на “БИТ ФЕСТ”

Со концерт на „Леб и сол“ во античкиот локалитет Хераклеја, синоќа беше отворено 17 издание на Битолското културно лето. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, потенцирајќи дека БИТ ФЕСТ е фестивал кој ја слави Битола како град на културата, уметноста и традицијата.

„Годинава сме особено горди што фестивалот продолжува да расте, што имаме добра програма и што заедно со уметниците, институциите, но и со секој од вас, ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола. Искрено им благодариме на сите кои вложуваат во културниот живот на нашиот град, особено на Министерството за култура и туризам за континуираната поддршка. Благодарение на ангажманот на бројни уметници, организации и културни институции, со задоволство најавуваме дека фестивалските настани ќе траат сè до 31 август. Но, Битола веќе пулсира во ритамот на уметноста – уште од првиот календарски летен ден и Празникот на музиката „Солстис“, а така ќе биде сè до септември, со бројни културни случувања. И оваа година, ќе имаме содржини проткаени во традиционалните манифестации кои се дел од нашата годишна програма за култура, како: Битола отворен град, Илинденски денови, Битолино, Локум фест, но и многу други настани поврзани со јубилеи на наши домашни изведувачи, како што е вечерашниот настан, настанот на Стефанија мјузик ворлд, групата Гром, но и музички спектакл од светски ранг како што ќе биде гостувањето на еден од највлијателните DJ артисти – Армин ван Бурен“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред публиката, по што следуваше концертот на „Леб и сол“, со кој групата го означи почетокот на БИТ ФЕСТ и ја започна турнејата по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на музичката сцена.

Културното лето во Битола има континуитет повеќе од 48 години. Од некогашните Хераклејски вечери, во 2006 година, организацијата на културното лето ја презема Општина Битола, а овој настан се трансформира во препознатливиот битолски фестивал — БИТ ФЕСТ, кој во текот на летниот период, значително го збогатува културниот живот во градот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.