Веќе традиционално со изложба на маски во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, кои ги изработија учениците од основните и средни училишта, започна 16-тиот по ред карневал „Прочка“. На изложбата беа поставени околу 1.000 маски, а најголем дел од нив беа изработени според традицијата од природни материјали. Учениците беа задоволни од нивните уникатни креации.
„Јас маската сама ја изработував, сакав да асоцира на индијанска маска, за нејзина изработка користев природни материјали, коноп, дрво, леќа и друго. Инаку ова не е прв пат да изработувам маски за оваа изложба, активно земав учество во овој настан и додека бев во основно училиште“, рече Викторија Дунимаглоска, ученик во гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп.
„За маската користев балони, обвиткани со хартија и зрна грав, како и други материјали, а таа според мојата замисла треба да претставува плашило“, рече Илина Ѓорѓиоска, ученик во ООУ „Кире Гаврилоски“ – Прилеп.
Дел од учениците иако не изработувале маски специјално дојдоа на отворањето на оваа изложба поради нејзината уникатност. Оваа изложба лани за прв пат беше претставена и надвор од Прилеп во Скопје.
„Иако не изработував оваа година маска со задоволство дојдов да видам какви маски изработиле моите соученици и навистина сум импресиониран од нивните идеи“, вели еден од учениците посетители на изложбата.
„И годинава официјално се отвора Карневалот со поставката на маски од сите основни и средни училишта во нашата Општина. Маските се изработени на традиционална база, а главна тематика е да се запази традицијата и да се постави маската како асоцијативен момент на „Мечкарите“. Маските исто така се збогатуваат и со еден современ пристап. Оваа изложба лани беше изложена и во Скопје“, истакна Александар Џинго, наставник.
Изложбата како и секоја година ја отвори градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој на учениците им подели и 15 награди за најубави маски и тоа 5 први, 5 втори и 5 трети места.
„Меѓународниот карневал „Прочка“ секоја година започнува со оваа изложба, која што е една од најбогатите изложби кои се случуваат тука во Домот на културата. Креативноста на сите ученици е многу голема, преку 1.000 маски имаме поставено тука и жирито навистина имаше проблем да ги одбере најубавите маски затоа што имаме доста квалитетни дела. Им честитам на сите кои учествуваа на оваа изложба и им честитам на сите кои добија награди и им посакувам да продолжат и понатаму да бидат креативни, да творат и да ја одржуваат традицијата и овој голем карневал за Прилеп. Локалната самоуправа има сериозна идеја, која би се реализирала за една до две години, да направи музеј на маски кои ќе биде во чест на креативноста, иновативноста, шегата и мајтапот во Прилеп, музеј кој ќе потсетува на сите карневалски години во нашиот град“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
„Секоја година сведоци сме на се поубави креации на маски, кои имаат и доста висок квалитет и уменитички вредности и бројот на маските кои учествуваат на оваа изложба секоја година е се поголем и поголем“, додаде Снеже Ристески, советник за култура во Општина Прилеп.
Одбележувањето на Карневалот продолжува утре со научна конференција насловена како „Обреди и фестивали под маски на балканот: традиција, состојба, тенденција“, која ќе се одржи во хотелот Кристал Палас. Гости, учесници на конференцијата се пријавени од Србија, Бугарија и Македонија, додека реферати ќе има и од етнолози од Словенија, Хрватска и Грција.
Потоа утре со почеток во 12.30ч. ќе биде парадата на учесниците до 14 години, на плоштадот Методија Андонов Ченто, каде што покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции за сето тоа да заврши со заедничка забава.
Централниот настан на Карневалот ќе биде меѓународното дефиле кое ќе се одржи во недела, на кое ќе се претстават бројни групни и поединечни маски, а стартот е од ЦК „Марко Цепенков. Трасата ќе се движи се до плоштадот Методија Андонов Ченто каде што ќе биде главното претставување со изведена кореографија и музика.