Mихаела Пееска е млад музичар чиј распон и можности на гласот веќе ги надминуваат оние на долгогодишните изведувачи на сцената. Со нејзините 14 години до сега има освоено многу награди и признанија. Класичната музика, операта, а особено блузот е нешто што неверојатно и прилега, и во што буквално растура. Михаела е музичар кој со сигурност ќе порасне во врвен уметник, кој верува во себе, или како што вели: “Сакам да успеам и да останам во Македонија, а не да одам по светот како што денес тоа го прават младите. Сакам да вложам во мојата земја, тоа е мојот сон”.
Михаела кога го откри својот талент за пеење и дали некој те насочи да продолжиш во водите на музиката или тоа беше самоиницијативно твоја одлука?
Па како мала на 3 години, како што кажуваат моите родители не сум знаела да сврзувам зборови, но добро сум пеела. 🙂
Како се појави интересот за истражување и пеење на сериозната, класичната музика, односно кога за прв пат Михаела запеа некоја оперска арија?
Со запишувањето на основното музичко училиште, и се разбира кога ме презеде професорката по соло пеење Леонарда Богданоска –Гиноска. Таа е виновникот за се она што сум го научила до сега. Оперска арија за прв пат испеав пред 3 години на завршетокот на учебната година. Мислам дека вкусот на мојата класна професорка и го погодив онака од прва. Беше се сеќавам изненадена од мене.
Пеењето опера е сериозен залак за млад изведувач како тебе. Сепак гледајќи ги наградите тебе ти успева итоа доста успешно. Каде се до сега имаш настапувано и какви се досегашните реакции?
Хммм…. Беше тоа пред едно 7 години, на детската емисија “Мали Таленти”, кога за прв пат јавно настапив со песна од Витни Хјустон. Реакцијата од жирито беше нескриена, 4-то место како ауцајдер од старт J. Подоцна се редеа фестивали, Mузичкиот Идол, хорови, Ковер фест, училишни смотри во музичкото училиште и.т.н. Реакциите …. Јас само пеам, публиката е таа која оценува.
Дали класичната музика и оперското пеење се главните твои музички приоритети или забавната музика ти е исто толку привлечна?
За класичната музика, по она што го слушам од луѓето кои ја разбираат, нивните реакции се позитивни, по она што го кажа мојата професорка вонсериски пеач … што ли ќе е тоа ?! 🙂 Од забавната музика, па се разбира тука ќе ги споменам моите фаворити: Бијонси, Ријана, Арета Фрeнклин, Џенис Џоплин, блуз, тоа е она во кое јас се пронајдувам себеси.
Кои се твоите желби, што сакаш да ги оствариш преку музиката?
Желби секој ги има, јас веќе одамна си го трасирав патот за музика, од кој нема враќање. Одам скала по скала, без да брзам, сигурно кога тогаш ќе успеам, им ветив на моите родители, одам на врв.
Кои се твоите музички класици идоли и дали имаш некоја особено драга оперска улога или оперска арија?
Павароти од оперските пејачи, несомнено прекрасен баритон, а од оперските творци тоа се: Моцарт, Франц Шуберт, Антонио Калдара. Се што е убаво и кое го правеле врвните мајстори на музиката од VII ,VIII, XIX век, во време на Романтизмот, e и во мојот интерес.
За што следно се подготвува Михаела?
Следно, запишување во средното музичко училиште во Битола, изучување и школување на мојот глас, сакам да успеам и да останам во Македонија, а не да одам по светот како што денес прават тоа го прават младите. Сакам да вложам во мојата земја, тоа е мојот сон.
Која награда ти е особено драга, а која музичка награда сакаш да се најде во твоите раце?
Единсвена награда ми е публиката и нејзиното ракоплескање, за тоа живеам.
За крај, дали Прилеп има многу талентирани деца и што ви е потребно како млади изведувачи за да напредувате во вашите понатамошни кариери?
Да Прилеп има талентирани млади музичари, деца на кои им треба само мала подршка од општеството, разбирање. Вложува општеството во секакви спортови, зарем ние не сме амбасадори на сопствената држава?