Сицилија, шармантен остров – душата на Италија

?????????????

Колку и да сте читале за Сицилија, колку и да сте гледале на ТВ, на интернет, тоа што можете да го доживеете кога вашата нога ќе стапне на островот ќе ве изненади. Сицилија – шармантниот остров, кој е душата на Италија ќе ве плени со својот шарм, со гостопримливоста на жителите, со богата историја, традиција, со непрегледните предели со портокали…

Кога ќе погледнете со свои очи ќе ја видите убавината на Сицилија, која е посебна, поинаква, возбудлива, магична во однос на другите делови на Италија.. Токму затоа и големиот Гете, и со право забележал дека ,,без Сицилија, Италија е како без душа. Сицилија е клучот на се,,.

Del od grupata- da se znae deka sme od Makedonija

Сицилија е најголемиот остров на Средоземното море со површина од над 25 илјади километри квадратни. Таа е најголемиот регион во Италија. Најпрво жители биле Сиканци, уште пред 8000 години пред н.е. подоцна ја колонизирале Грците кои ги формирале Сиракуза, Таормина и други градови, за Римјаните да бидат тука цели седум векови. Ја освојувале и Вандалите, Готите, Византијците, Норманите под чија власт е прогласена за кралство за време на Роџер Втори, кога била една од најбогатите држави. Подоцна ја освојувале Германците, Французите, Шпанците. Безмалку сите оставиле свои траги на архитектурата, културата, начинот на живот..

Katedralata Sv. Marija

Уште при влегувањето во Месина со ферибродот ќе го почувствувате сицилијанскиот шарм, кој полека ќе ве освојува. Како се редат едно по едно местата, се додека стигнавме до главниот град Палермо, патувајќи со автобусот на ТА ,,Бран,, така возбудата се зголемуваше.

?????????????

Палермо не пречека во вечерните часови. Се сместивме во хотелот за да одмориме пред дневната прошетка на главниот град. Утрото не пречека облачно, со малку дожд, кој не ни пречеше да ја започнеме нашата прошека низ островот. Нормално и средбата со нашата драга пријателка, прилепчанката Лариса која веќе 14 години живее во овој град. Првата дестинација малото местенце Корлеоне, каде во најголем дел се снимале филмовите Кум. Се наоѓа на околу 60 километри оддалеченост од Палермо, во внатрешноста. Живописно место, уредено, со Музеј посветен на мафијата. Чиниш дека се наоѓаш во нашето Крушево, бидејќи многу потсетува по тесните улички со калдрма. Убав поглед од висина, ама и тука како да го доживуваме духот на Македонија. Луѓето, поседнати низ кафулињата, љубопитни дa разберат од каде доаѓаме. Прошетката ја завршуваме со купување на сувенири за еден ден да се потсетиме дека сме биле во Корлеоне. Се враќаме назад во Палермо. По пат драгата Лариса ни раскажува за историјата на Сицилија, за градот. Дознаваме дека Палермо го основале Феничаните 743 година п.н.е, за подоцна со него да владеат Грците, па Византијците, па Сарацените во чие време брзо напредувал и се развивал. Потоа кралството на Сицилија го основале Норманите, владееле Хабзбурзите, Бурбоните…

DSCN8131

Во составот на Италија влегол во 1860 година. Сите оставиле свој белег. Изградиле вредни архитектонски зданија кои пленат со својата убавина.. Палермо ги имa сите мани на голем град. Гужва, загаденост, пренатрупаност, но од друга страна во него се забележува дека има богато културно наследство од дамнина. Има убави градби, но и бедни градски општини. Доста контрасти што градот го прават уникатен во многу нешта. Има што да се види во Палермо. Разгледувањето започнува од Кралската палата. Нормално фотоапаратите в раце. Овековечување на посетата, но и воодушевување од убавиот парк околу неа. Откако се изнасликавме, продолживме до катедралата Света Марија, убава градба од 12 век, доградувана низ вековите и затоа се забележуваат различните стилови. Во неа се наоѓаат посмртните останки на Света Розалија, една од петте заштитнички на градот. Разгледавме, а потоа нормално не можев да не вкусам италијански сладолед.

Plostad na stramot

Продолжуваме кон четирите фонтани и Плоштадот на страмот. Веднаш зад него и две преубави цркви Марторана и Каталдо, во кои се воодушевивме на преубавите мозаици. Полека шетајќи стигнуваме до театарот Масимо на плоштадот Верди.

Извонреден објект, кој плени не само со убавиот надворешен, туку и внатрешен изглед. Задоволство е да се седне во него, да се почувствува духот на сицилијанската култура. Изграден во чест на кралот Виктор Емануел , еден од најголемите во Европа. Да бидеш во Палермо, а да не влезеш во театарот Масимо е голем грев.

Impoznaten teatar

Заедно со неколку пријателки плативме тура со водич. Прошетавме низ театарот. Ја видовме прекрасната сцена, каде се подготвуваше нова оперска премиера, ги овековечивме многубројни ложи. Дури и седнавме во главната да почувствуваме колку е убаво да се следи спектакл тука во еден од најубавите театри. Немам зборови со кои би го искажала убавото чувство што го имав. Го доживеав тоа што го почувствувави при посетата на Балшој театар во Москва.

?????????????
?????????????

?????????????

За да се види се во Палермо треба повеќе денови. Но она што не го пропуштивме е посетата на познатиот пазар, каде се чувствува сицилијанскиот дух, и миризбата на различните видови морска риба. Таму може се да се пронајде, па дури и познатите црвени портокали. Не пропуштивме да го видиме и дрвото фикус со големите корења, кои мене ме потсетија на доживувањата од филмовите на Индијана Џонс, портата….

Уморни, ама задоволни се вративме во хотел, за да вечерта продолжиме со дружба со нашата драга Лариса, која се погрижи престојот во Палермо да ни остане во длабоко сеќавање.

?????????????

Наредното утро попатно минавме низ Кефалу, монденско летувалиште. Прекрасна плажа, чист воздух. Ја овековечивме посетата, за да ни остане во долго сеќавање.

Следната дестинација градот Сиракуза. Антички град кој така речи се наоѓа на островот. Град кој плени со својата убавина и складна архитектура. Цицерон Сиракуза ја опишал како еден од најубавите грчки градови. Градот денес е под заштита на УНЕСКО. Стариот дел се нарекува Ортига, а го основале Коринчаните во 734 година п.н.е. Коринчаните давале големо значење на развојот на градот и на политичко и на економско поле. Византијците го освоиле 535 година по што станал главен град на Сицилија. Потоа потпаднал под власта на Арапите, па Норманите. Во средниот век го губи своето значење, а големиот земјотрес го уништил 1693 година. Во време на Втората светска војна бил под британска окупација. Она што во кусиот престој го видовме, а мене ми остави голем впечаток е Норманската катедрала, Архимедовиот плоштад, тесните улички, цитаделата, римскиот театар. Норманската катедрала плени со својата надворешност. Ја изградил бискупот Зосимо во 7 век на темели на Атински храм на островот Ортига, кој бил дорски храм со шест столбови на пократките и 14 на подолгите страни. Фасадата е посебна. Дознавме дека ја обновил Андреа Палма во 17 век, со двострани коринтски столбови и скулптури на Игнацие Марабити. Убав град, кој е малку поразличен од Палермо, кој мене лично ми остави многу повеќе впечаток заради посебниот дух што го почувствував.

Plostadot vo Sirakuza

Следна дестинација вулканот Етна. Иако бевме информирани дека жичарницата не работи заради маглата, сепак се искачивме догоре, до просторот до каде можат да оди автобусот, за да ја задоволиме нашата љубопитност. Вулканот Етна е во близината на градот Катанија. Доминира со своите 3300 метри надморска височина. Тоа е највиоскиот вулкан во Европа и еден од најнепредвидливите, затоа што не може со сигурност да се знае кога може да има ерупција. Одејќи нагоре се заблежуваат трагите од претходните ерупции. Црни камења, ама бујна вегетација. Се забележува дека земјата е доста богата со минерали и погодна за земјоделество. Горе, низ маглата се здогледува Етна. За жал не стигнавме догоре, ама испивме вкусно кафе , италијански чај. Купивме сувенири, се фотографираме и повторно во автобус да стигнеме во Катанија.

Na plazata vo Taormina so zicnica

Веќе падна мрак кога со автобусот стигнавме до градот, втор по големина на Сицилија, десетти во Италија. Зборот Катанија значи нож, бодеж. Се забележува дека е вистински медитерански град, основан 729 г.п.н.е. Она што најпрво забележавме е долгата улица Етна во која доминираат бутици со врвни светски брендови, погодна за шопинг. Полека шетаме и одиме до катедралниот плоштад. Видливо е дека Катанија го сочувала старото градско јадро со бројни цркви, палати, фонтани. Токму и затоа е ставена под заштита на УНЕСКО.

Стигнавме до плоштадот, пред катедралата Св. Агата, фасцинантно здание од 10 век, која била уништена во земјотрес, па подоцна реконструирана во 1693 година. Нормално фотографија за спомен, исто како и пред симболот на градот Фонтаната – Слонот. По убавата вечерна прошетка правец во хотел, на вечерна дружба со неуморните патници кои сакаат да откриваат нови дестинации. Оставаме можност за следна средба со Катанија.

Slonceto simbol na Katanija

Последниот ден посета на Таормина. За жал врнежливото време не ни дозволи да го почувствуваме духот на градот кој се наоѓа на ридот, а долу под него се прекрасните плажи до кои се стигнува со жичарница. Таормина на прв поглед ме воодушеви. Не ми пречеше дождот, кој паѓаше изобилно, да застанам да се фотографирам низ калдрмисаните улички и да забележам дека е град како од бајките. Од една од уличките има фантастичен поглед на плажите. Да те намамат да дојдеш тука на одмор и да се заборавиш шетајќи низ тесните улички, така реалксирачки. Градот има понуда од добри ресторани, во кои спокојно седат гости, доста бутици.

Poseben sarm na Taormina

Низ Сицилија морам да забележам дека пленат и малите местенца, а за природата да не зборуваме. Се е зелено. Непрегледно. Тука дознавме дека се уште владее мафијата, која не се спомнува наглас, ама сите знаат дека е присутна. На високо ниво е вклучена во сите пори на општеството, особено во Палермо, каде на места се забележуваат табли дека тука е убиен некој полицаец или некој кој и се спротивставил на мафијата.Токму и затоа жителите се внимателни, ноќе нема многу движење, освен по ноќните локали.

Ова е само мал дел од моите впечатоци од Сицилија, душата на Италија. Кој сака убави дестинации нека не се двоуми. Вистински избор е за поминување на убави моменти и доживувања.

Каролина Мицевска




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.