Пред неколку дена сите го видовме видеото од стадо елени во Националниот парк “Галичица” и бевме воодушевени од нивниот број и убавина.
Видеото кое го објавија од националниот парк стана вирално и го пренесоа речиси сите медиуми, но знаете ли кои се “виновниците” кои се грижат за овие благородни животни?
Се разбира тоа се луѓето од репродуктивниот центар за елени во Националениот парк “Галичица”.
Денеска тие објавија фотографии и ја запознаа јавноста како во изминатите години се грижат за животните, чиј број постојано расте од 2019 година.
-Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените. Резултатите зборуваат сами за себе: во 2019 година бројката изнесуваше околу 30 единки, а денес популацијата е зголемена на над 200 елени. Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција. Репродуктивниот центар беше отворен во 2019 година со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност во паркот. Овој пристап придонесува за здрави екосистеми, рамнотежа во природата и одржлива иднина за Галичица – напишаа од Националниот парк “Галичица” на социјалните мрежи.
























