Силната, но несреќна љубов на царот Самoил и убавата Билјана

Низ македонската историја провејуваат илјадници легенди и преданија кои се пренесувале од генерации на генерации и кои сеуште живеат, се раскажуваат и побудуваат интерес. Едно од тие преданија е она за огромната љубов меѓу цар Самоил и Билјана.

За горката тага на царот и неговата љубов за преубавата Билјана постои многу интересна приказна која малкумина ја знаат.

Последниот македонски владетел царот Самоил имал тајна љубов со Билјана, девојка која заслепувала со својата убавина. Нивната љубов е раскажана низ две варијанти. Според првата, цар Самоил бил вљубен во преубавата Билјана, со која тајно се среќавал покрај изворите.

По наредба на сопругата на царот Агата, по потекло Гркиња, човек поставен од неа ја застрелал девојката и таа се парализирала.

Билјана не сакала во таква состојба да ја види царот и се засолнила во пештера. Кога го открил местото каде што се засолнила Билјана и во каква состојба е таа, царот се расплакал. Преданието раскажува дека точките кои ги има охридската пастрмка се царевите солзи, кои капеле во езерото.

Според втората варијанта кога разбрала Агата за љубовта меѓу нејзиниот сопруг и Билјана ги испратила своите двајца браќа да ја убијат. Кога ја виделе таа убавина на девојката, се откажале од убиството.

Агата тогаш ја испратила Билјана во една пештера во Галичица, каде што му родила син на цар Самуил.

Ова е интересна сторија за една огромна љубов која и ден денес се раскажува, за девојката која го освоила срцето на силниот и строг владетел.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.