Комфи Aнгел
– Речиси сто отсто од продукцијата е за извоз, а годинава се претендира на комплетна замена на лонот со сопствено производство и ангажирање на млади високообразовани кадри
„Клучна е филозофијата на постоењето. Градиме компанија за идните поколенија, која ќе има општествен импакт и компанија за потомците на Прилеп. Ова е јапонска филозофија која ја поставуваме овде“.
Ваква визија има Ирена Јакимоска, првиот менаџер на компанијата со македонско британски капитал, Комфи ангел.
На средбата со новинарите таа откри дека компанијата почна да извезува и во Португалија, за каде се негуваат надежи да се надминат очекувањата.
– Компанијата официјално е голем даночен обврзник. Тоа е поповолна позиција, поради тоа што сме речиси сто отсто извозна компанија. Во даночната управа сме респектирани и немаме проблем со повратот на ДДВ – вели Јакимоска.
Според неа, околу 70 отсто од производството е сопствено, а само 30 проценти е лон. Тенденција е комплетно да се замени лонот со сопствено производство.
– Финансиски добро стоиме покрај претрпениот удар од околу 500 илјади фунти со падот на британската фунта поради Брегзитот. Ја одржуваме ликвидноста. Евидентиран е лани профит од околу еден милион евра. Нé не погодува домашната политичка криза, оти сме сто отсто извозна компанија. Нема неплаќање со странските коминтенти. Сé е наплатено. Плаќањата сепак се обезбедени во Македонската банка за поддршка на развојот – потенцира Јакимоска.
Фирмата вработи десет млади високообразовани кадри.
– Кај нив постои жар и елан за докажување. Очекуваме новите членови, ,,ѕвездички,, во семејството на “Комфи Aнгел”, допрва да ја вивнат фирмата уште повисоко на бизнис небото. Паралелно, постојано се вложува во нови технологии, кои ќе влијаат на раст на продуктивноста, но не по цена на намалување на вработувањата. Годинава ќе инвестираме околу 1,3 милиони евра во нова опрема да се зголемат капацитетите и продуктивноста. Тоа е нужно за да бидеме во чекор со европските конкуренти и купувачи, особено на досегашните извозни пазари во Англија, Шпанија, Германија, Франција, Италија, Бугарија, Грција, Турција и малку во Америка – нагласува Јакимоска.
Во компанијата се ангажирани околу 900 работници.
Наскоро хотелска програма
– Создадовме екипа чиј фокус е подготовка на производство на хотелски програми со специфичен квалитет поради поголемиот број на перења. Почнуваме со регионов, со Македонија, Србија, Црна Гора и Бугарија. Целта е да обезбедиме ангажман без сезонски карактер, туку во континуитет цела година – вели Јакимоска.
Извор: Неделник Зенит