Со мала свеченост во утробата на планината, но без плех музика вчера и официјално беше пробиен првиот од двата тунели под превојот Пресека со должина од 1.996 метри. Оваа тунелска цевка почна да се гради пред 54 месеци, а единствен изведувач на работите беше кинеската компанија „Синохидро“.
На свеченоста, во средината на тунелот беа поставени македонското и кинеското знаме и името на компанијата која го изведе овој зафат, по што беа направени и зеднички фотографии како спомен од овој момент и првиот тунел на „Синохидро“ на Европскиот континент.
На пробивањето на тунелот немаше присуство на лица од политичкиот и економскиот живот во земјава. Наскоро се очекува да биде пробиена и втората тунелска цевка која е нешто подолга од десната тунелска цевка и нејзината вкупна должина изнесува 2.011 метри. Свеченоста беше заокружена со дружба со мала закуска во кинеската населба во село Извор.