Д-р Кире Јоноски, ортопед во прилепската болница, кој се најде на листата за советници на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп, преку својот Фејсбук профил изјави дека советничката функција ќе ја обавува волонтерски, а надоместокот ќе го донира во хуманитарни цели.
-Почитувани сограѓани, пријатели чест ми е да ви соопштам дека сум дел од победничката советничка листа на ВМРО ДПМНЕ за град Прилеп.
Најнапред да кажам дека истата ќе ја извршувам волонтерски т.е. сите парични средства што ќе ги добивам ќе ги донирам за добротворни цели и таму кај што е најпотребно.
На овој нов ангажман се решив да дадам допринос за поубав Прилеп, за Прилеп град во кој ќе биде пристојно место за живеење. Сакам да дадам пример дека граѓаните ќе бидат на прво место пред личниот интерес.
Ви ветувам дека овој мој предизвик нема воопшто да се одрази врз мојот професионален ангажман и врз пациентите, туку напротив ќе имам поголема инспирација и мотив за работа.
Македонија и Прилеп пред се – напиша Д-р Јоноски.