Живот: Чудо што тешко дека ќе се повтори
-Ниеден град немал таква среќа како Прилеп
Ни Белград, ниту Загреб, ни Сараево, најголемите градови во некогашна Југославија, ниту пак Скопје, најголемиот во Македонија, не го доживеаја тоа што му се случи на Прилеп, зимата 1987 година. За 35 дена, градов доби седуммина милионери, добитници на лото – премии. Беше чудо невидено. Град со само шеесетина илјади жители да има таква среќа што секој вторник на извлекувањето во Белград да добива по една ,,седумка,,.
Неверојатно. Сé почна вечерта на 20 јануари кога славната водителка Сузана Манчиќ од студиото на ТВ Белград ги објави седумте бројки кои ги израдуваа првите добитници.
Кои беа тие набргу вака објавија сите југословенски редакции: единствената ,,седумка,, во целата федерација која носи највисока премија во историјата, ја добиваат Бошко Ѓопа, старешина во Гарнизонот ,,Мирче Ацев,, и Дамјан Илиески, техничар во Тутунскиот комбинат.
Двајцата ортаци, чии станови биле оддалечени одвај дваесетина метри, погодиле уште 14 ,,шестки,, и 21 ,,петка,,. Така, за уплатени на систем 1980 динари беше објавена добивка од 56 милиони динари. Само два дена подоцна значително намалена, бидејќи се најде уште еден добитник, од Ниш.
-Двајцата играме лото откако постои оваа игра, и често добиваме. Не многу, колку натаму да играме и да се почестиме. Пред да ја добиеме ,,седумката,,, двете семејства бевме собрани. Имавме една желба – да добиеме 100 илјади динари да направиме вечера и да се провеселиме – рече Илиески.
Правилото ,,секое чудо за три дена,, важи за секаде, но не за Прилеп. Наредниот вторник – пак ,,седумка,,! Објавено дека има осум ,,седумки,, во цела Југославија, а една од нив, единствената во Македонија, е од прилепчанецот Благоја Тошески, вработен во ТИ Билјана како батерист. Добивката изнесуваше над 7,5 милиони динари.
Среќниот прилепчанец, поучен од искуството на сограѓаните, на кои дополнително им беше намалена сумата, го почека конечниот извештај да се претстави во јавноста.
-Повеќе од шест години играм лото. Тоа е хоби на четиричленото семејство. Три години уплатувам разложен систем од 10 бројки и 17 комбинации, а сопругата Ѕвезда, ќерката Бети и синот Дарко играат на обичен тикет.
Покрај ,,седумката,,, имав четири ,,четворки,, и една ,,петка,,. Оправдано е секој играч да посакува да биде добитник на премијата, а ние како семејство имаме посебни причини. Живееме под кирија во еднособен стан и немавме пари за градба на нова куќа. Затоа сите добиени пари ќе ги потрошиме на тоа – најави Тошески.
Еуфоријата од претходните добивки уште нестивната и наредниот вторник – пак ,,седумка,,. Зарем е можно? Единствената во Македонија е во Прилеп. Сите се прашуваа која е формулата на прилепчаните, кои важат за снаодливи луѓе. Почна низ другите градови да се зборува дека има тука некој марифет, некој новооткриен систем, што другите не го знаат.
Медиумите објавија дека уплатата била рекордна во историјата на ова игра на среќа, со околу 1,2 милијарди динари. Во тоа време износот се покажуваше во нови и во стари динари. Во стари динари беа 120 милијарди динари уплата. Името на среќниот прилепчанец со добивка од 13 милиони беше објавено во четвртокот.
Тоа беше Миха Гаштароски, келнер во хотелот Липа. Новинарите побрзале да го најдат на работното место, но без успех. Информациите ги добиле од неговиот шеф Цане Тошески.
Гаштароски дојде на работа и видно возбуден побара три дена одмор. Кога го прашав зошто му е одморот и зошто е толку нервозен, ми одговори дека е сопственик на ,,седумката,, и дека уште не може да се соземе. Првин, не му поверував. Но, го покажа тикетот, нé почести сите во смената и замина без да каже каде ќе отпатува – се зборовите на Тошески.
Потоа се слушнало дека Миха имал вујко Спиро Пластиноски, вработен во печатницата 11 Октомври со кого заедно го уплатиле тикетот. Тој потврдил дека имаат добивка со седум погодоци и дека ливчето го уплатиле во последен момент, вечерта во понеделникот.
-Не сме љубители на играта на среќа. Случајно со Миха се сретнавме пред уплатните места во градот. Кога видовме долги редици, ми предложи да го уплатиме тикетот кој ни беше пополнет уште пред три месеци, но не беше уплатен. Се согласив. Ниту тој, ниту јас не се интересиравме за судбината на тикетот. Кога разбравме дека во Прилеп и третпат има ,,седумка,,, го побаравме ливчето и не им верувавме на очите дека тоа ја носи главната премија – објасни Пластиноски.
Беше што беше. Се случија трите ,,седумки,,. Доволно – си мислеа и прилепчаните и сите други жители на тогашната држава. Но, приказната за ,,седумките,, тука не сакаше да заврши. Од чудно, имало и почудно. Четвртиот вторник, на 10 февуари, пак единствената ,,седумка,, во Македонија паѓа во Прилеп. Медиумите пишуваат дека не е шега, ами чиста вистина. Што се случува? Некоја натприродна сила ја насочува среќата кон Прилеп. Низ градот само за тоа се зборува. Се бара новиот добитник. Не се чека долго. Медиумите објавија дека Цена Талеска – Пржеска со синот Влатко добиват 10,1 милиони нови динари.
-При извлекувањето на бројките бев сама дома. Ги проверив трите обични тикети за платив 360 динари од скромниот буџет. Забележав дека сум ги погодила: 5, 9, 11, 25, 29, 36 и 38. Си реков ,,Цено, среќата сепак докрај не не напуштила!,,. На девер ми Киро му кажав што се случи, Кога се увери, ми честита и ми рече: ,,Нека ти е среќно, со здравје да си ги трошите милијардите!,,. Ме фати чуден страв. Не верував дека со синот, со кој живееме во многу скромно, ќе добиеме пари. Со парите, пред сé, ќе ги помогнам социјално – хуманитарните организации во Македонија. Со остатокот ќе ги обновам дотраениот мебелот и белата техника. Нема да ги заборавам сестрите, деверот и јатрвата. Да имав повеќе пари, ќе си купев еднособен стан, а куќава ќе му ја оставев на Влатко. Отанува да му овозможам добро да се облече и да се прошета низ Европа – го претстави планот, Пржеска.
Дојде 17 февруари, вторникот кога конечно немаше ,,седумка,, во Прилеп. Ете, на се има крај, па и на милионите – се коментираше. Не само во градов, ами и во цела Македонија не е пронајдена ниедна ,,седумка,, покрај рекордната уплата. Еуфоријата се очекуваше да спласнува. Но, наредниот вторник, 24 февруари, пак ,,седумка,,! Каде, ако не во Прилеп. Што да се каже по ова, кога веќе сé претходно е кажано. Неможното стана можно. Математички да се пресмета која е веројатноста да паднат толку ,,седумки,, за толку кус период во еден мал град, шансите би биле блиску до нула. Во времето на социјализмот и неверувањето во Бога, многумина неверници поверуваа во Божјите неограничени сили. Сопственик на новата милионска добивка стана Здравко Башароски, мајстор во ТИ Билјана.
-Уплатив два обични тикета кај застапникот Славе Чорбески, кај кого во претходните кола беше уплатена ,,седумка,,. Верував дека овој човек може да ми донесе среќа. Лото играм две години на обични ливчиња, зашто во системите многу не верувам. За нив се потребни многу пари. Меѓутоа, ако некого го сака среќата, таа е дарежлива и за малку пари – изјави за медиумите Башароски.
Овде мора да е крајот. Навистина. Следното коло немаше ,,седумка,, ниту во Прилеп, ни во цела Македонија. Така објавија во медиумите. Но, прилепчаните не се даваат лесно. Наредниот ден беше јавено дека сепак се јавил некој добитник, поточно двајца добитници. Тие тврделе дека имаат седум погодоци, а организаторите дека немаат седум, ами само три. Формираната комисија ги одбила приговорите на прилепчаните. Така е заокружена приказната со седумте среќни семејства во Прилеп.
Анонимни добитници
Не само 1987, ами и претходната 1986 година им донесе среќа на прилепчаните, кога е во прашање лотото. Тогаш среќни денови беа 14 јануари и 4 март. Во првиот случај седумте погодени бројки вределе 1.6 милиони динари, а во вториот 1,5 милиони. Наградите биле скромни и медиумите не биле заинтересирани да ги бараат добитниците. Можеби добитниците инсистирале да останат анонимни, така што имињата останаа не познати на јавноста.
Среќни киосци
Тие што пополнувале тикети, воделе сметка на кое место ги уплатуваат. Верувале дека местото, киоскот е многу битен. Го одбирале оној каде што претходно паѓале големите награди. Така, биле прочуени имињата на застапниците, луѓето кои работеле во тие киосци. Така, кај Славе Чорбески паднале добивките од анонимен сограѓанин и од Цена Талеска – Пржеска, кај Ленка Котеска од вториот анонимен, кај Јован Лазарески од Бошко Ѓопа со Дамјан Илиески, кај Благоја Лазарески таа од Благоја Тошески, додека кај Ана Спиркоска од Миха Гаштароски со Спиро Пластиноски.
Вкупно биле шест уплатни места.
Битолчани уплаќале во Прилеп
Треската со прилепските ,,седумки,, ја зафатила цела Југославија, што се одразило врз рекордната уплатена сума. Лудница низ цела Македонија. Од многу градови не жалеле ни време, ни пари да дојдат во Прилеп и уплатат тикет. Не им пречела ниту зимата, ниту студеното време. Најбројни биле битолчаните. Во долгата редица морало да има некој од Битола. Уплатувале сите, но ,,седумките,, паѓале само кај прилепчаните.
Извор: “Неделник Зенит”