Седмоодделенци од ОУ „Рампо Левката“ се закитија со меѓународни медали

megjunarodni_nagradi_za_sedmooddelenci_od_ou_rampo_levkata

Двајца седмоодделенци од ОУ „Рампо Левката“ ги ничкосаа противниците на меѓународни натпревари. Откако ги „легнаа“ на грб и им зададоа „страшни“ удари, силните седмоодделенци се вратија со сребро и бронза, едниот во кик – бокс, а другиот во борење.

Мартин Алексоски, ученик во 7 одд. на натпреварот во кик бокс во Белгија го освои второто место и во конкуренција од 42 кг. го претставуваше клубот Шампион. На Меѓународниот натпревар во борење во Штип, Стефан Стојаноски, 7 одд., доби бронзен медал во категорија до 30 килограми.

Иако тие немаат телесна тежина ниту 50 килограми, тоа не ги прави ништо помалку понеуспешни, туку напротив уриваат рекорди и победи токму во лесните категории и тоа оние до 30, односно до 42 кг. Нивните вити тела се полни со црвстина и жилавост, со мускулеста маса, во која нема ниту тронка сало. Затоа лесно ги совладуваат противниците. Малку им беа борбите на општинско и државно ниво, па силите ги пробаа и потврдија и во светот. Меѓународните признанија ги донесоа во родниот град, под Марковите кули, каде останал запаметен јунакот Крал Марко.

Силни се и решителни во тренинзите и дисциплината за јакнење не само на физичката сила, туку и на карактерот зошто борењето и кик – боксот се повеќе стратегија, умешност на совладување на противникот со тактички потези. Учат во исто одделение, па ретко кој од нивните соученици се обидува да ги одмери силите со меѓународните шампиони.

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.