Се јави Заев: Да сум премиер сега би направил повеќе инвестиции во енергетиката

Владата под раководство на Димитар Ковачевски заслужува комплименти за справување со енергетската криза, оцени поранешниот премиер Зоран Заев, на денешната панел-дискусија на тема „Енергетска и инфлаторна криза“ во тетово, организирана од Студентскиот парламент и студентската асоцијација на Универзитетот на Југоисточна Европа.

Сега како човек од деловниот свет, тој смета дека Владата добро се справува со кризата и се произведува енергија во максимално можни граници.

– Дожност ми е да дадам мислење од искуството како мене и поранешни министри и премиери се прашуваат. Можам да изразам комплименти заради тоа што еве како поранешен премиер кој заврши пред некој десет месеци можев да се кладам дека тешко ТЕЦ Неготино ќе го стават во функција. Но, еве ги двете турбини работат, Осломеј работи, двата блока во Битола работат, работи гасната електрана ТЕ-ТО во Скопје која што ја зеде државата, која е приватна ама ја управува државата, Когел работи, максимално се произведува енергија, изјави Зоран Заев.

Негова сугестија е да продолжи што е можно повеќе да се инвестира во сопствените избори на енергија. Тој рече дека како премиер сега би направил уште повеќе инвестиции во енергетиката само да има колку што може производство оти најсигурна и најстабилна енергија е домашната енергија.

– Колку и да се пријателски земјите вие зависите од страна. Видовте прво што тргна премиерот Ковачевски беше да осигура од соседите дека нема да има затворање на границите за извоз од таму на електрична енергија ако треба да го обезбеиме тоа. Ако имаме доволно енергија тоа гајле го немаме. И јас како премиер можев да направам повеќе, а и поранешните премиери и Влади можеа уште повеќе да направат. Да учиме од тоа да инвестираме во енергетиката. Имаме прекрасно сонце, за фотоволтаци, имаме ветришта на некои 20-тина локации со добри мерење за ветерници, имаме можност со интерконекторот сега да имаме диверфизикација на гасот, да не зависиме само од Гаспром. Ќе ги имаме азербејџанскиот, катарскиот, американскиот гас преку интерконекторот со Грција. Па тој се развива понатаму према Косово према Србија насекаде. Тоа се вредни тековни многу драгоцени инвестиции во енергетиката кои сега се случуваат, истакна Заев.

И ректорот на УЈИЕ, Абдулменаф Беџети посочи дека зголемување на производството на енергија е најпотребната работа за државата и во иднина.

– Поранешниот премиер е тука на панел дискусијата за енергетска криза и инфлација за да каже како сега од реалниот сектор како гледа на оваа криза. Потребно е да имаме што е можно повеќе енергија од нашите извори. Не се инвестира, а треба тоа да се прави. Примерот на хидроцентралата Чебрен и Галиште од каде со децении не успеваме да направиме струја е недозволив, каде имаме над 13 неуспешни тендери, рече Беџети.

Панел дискусијата, на тема „Енергетска и инфлаторна криза“, беше организирана од Студентскиот парламент и студентската асоцијација на Универзитетот на Југоисточна Европа.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.