Се што треба да знаете за БОЖИЌНИОТ ПОСТ! Кога е дозволено да се јаде масло, вино, а кога риба

Божиќниот пост е втор по времетраење пост во Православната црква и трае четириесет дена почнувајќи од 15 ноември по стар стил или 28 ноември по нов и завршува на Божик, односно на 24 декември по стар или 7 јануари (Божик) по нов.
Овој пост, како подготовка за празнување на големиот празник Рождество на Спасителот Господ Исус Христос, најпрво се појавил на Запад и се нарекувал Четириесетница на свети Мартин бидејќи започнувал на денот посветен на светителот на Западната црква, Матин. Нешто слично се случило и на Исток, па така, во некои цркви овој пост се нарекува и Филипов пост затоа што почнува следниот ден по празникот посветен на апостолот Филип.

Првите сведоштва, иако ретки, за овој пост потекнуваат од Запад и тоа од V век, додека, пак, на Исток, во Антиохиската црква се практикувал во почетокот на VI век.

Најверојатно, во прво време овој пост не бил долготраен. Канонистот и патријар на Антиохиската црква, Теодор Валсамон, кој живеел во XII век, овој пост го нарекува „седмодневен“. Сепак, бидејќи овој пост го изобразува постот на Мојсеј во пустината, кој траел четириесет денови, пред добивањето на плочите со десетте Божји заповеди, а и како рефлексија на Велигденскиот пост, подоцна бил продолжен до четириесет денови.
Какво е правилото за овој пост?

Божиќниот пост според строгоста е „поблаг“ од Велигденскиот и Богородичниот пост.

Телесниот пост се исполнува вака:

Во среда и петок не се јаде масло и вино; во четврток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло, вино и риба. Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло, вино и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува масло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, покрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло, вино и риба.

Основата на секој пост е преку воздржување од силна храна да се бориме со гревот. Но, велиме, воздржување, а не истоштување на телото, па затоа секој треба да го усогласи постот според своите сили, односно според степенот на својата подготовка. Не смееме да се доведеме до состојба на исцрпеност и со тоа да станеме неспособни за делување. Ова особено важи за верните во поодминати години, потоа оние кои имаат здравствени проблеми, трудници, верни кои биле подложени на операција и т.н. Во таква ситуација репорачливо е верникот да се посоветува со својот духовник.

Исто така, треба да знаеме дека постот се разликува од вегетаријанството или обичната диета: постот, пред сè, е воздржување заради Христа – како во телесни задоволства, така и во душевни разоноди. Верните со помош Божја се трудат да победат одредени свои недостатоци, да го повратат мирот и согласноста во односите со ближните, онаму каде што тие се нарушени. Па така, покрај телесната страна, секој пост има и духовна, на која верните треба да обрнат особено внимание. Овој, духовен, пост, трае през целата година, односно 365 денови.

Ви посакуваме радосни и богоугодни пости!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.