Како и во изминатите години, така и во оваа 2026 година во Кичево ќе се организира традиционалното одење по „Бадниково дрво“, со благослов на Кичевското архиерејско намесништво при храмот „Св. Ап. Петар и Павле“ – Кичево. За оваа цел веќе им е упатен повик на кичевчани дека тргнувањето ќе биде од 10 часот на самиот ден „Бадник“ – во вторник, на 6 јануари од пред соборниот храм „Св.Петар и Павле“ во Кичево.
„Секој со добра мисла и чиста душа е добредојден да се придружи кон традиционалниот настан и поворката. Да нѐ благослови Бог, да сме побројни и за многу години, вечна традиција!“ – се нагласува во повикот.
На Бадник, во вторник во градскиот соборен храм „Свети апостоли Петар и Павле“ во Кичево со почеток во 17 часот ќе се отслужи празнична вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски господин Георгиј. По оваа богослужба ќе се делат бадниковите гранчиња.
„Со благослов од Кичевското архиерејско намесништво се покануваат сите православни верници од Кичево и околината со молитвено срце да земат учество во ова свеченa вечерна богослужба во радост, мир и духовно единство. Нека Бадниковата вечер биде време на благослов, љубов и заедништво за секој дом!“ – рекоа од ова намесништво.
А еве каква беше атмосферата на кичевскиот плоштад за новогодишната ноќ:
























