СВР Битола: Во 2025 за трговија со дрога од Прилеп и Битола лишени од слобода над 320 лица

Во текот на 2025 година, од криминалистичката полицијата на СВР Битола, во рамки на борбата со недозволената трговија со дрога на подрачјето на општините Битола и Прилеп, лишени биле вкупно 324 лица инволвирани во трговија на дрога и психотропни супстанци. Притоа, поднесени се вкупно 78 кривични пријави по членовите 215 и 216 од Кривичниот законик за сторени 94 кривични дела против 102 сторители.

Позитивните резултати се должат на низата преземени мерки и активности, постојаното присуство на полициски службеници од СВР Битола на терен, зачестените контроли на лица и возила, средбите со месните и урбани заедници, поголемата соработка со граѓаните, акциските контроли и јакнењето на довербата помеѓу полицијата и населението. Сето ова придонесува за поголема ефикасност во расветлувањето на овој вид на извршени кривични дела, со тенденција откривачката дејност да се зголеми во периодот што следува.

На подрачјето на СВР Битола во текот на 2025 година извршени се вкупно 86 претреси на домови, од кои на подрачјето на Битола извршен е 51 претрес, на подрачјето на Прилеп извршен е 31 претрес на домови, на подрачјето на Демир Хисар извршени се два претреси, на подрачјето на Ресен извршен е еден претрес на дом и на подрачјето на Крушево, исто така, еден претрес, при што биле пронајдени и одземени марихуана, хероин, кокаин, амфетамин различни таблети.

Како најчести жртви од употребата на дрога и психотропни супстанции се јавуваат млади лица, односно средношколци, кои најчесто употребуваат марихуана, а констатирано е дека се продава и консумира и кокаин, амфетамин и екстази.

Извршителите на овие кривични дела најчесто се корисници и дилери и кај нив при личен преглед се пронаоѓаат помали пакувања на дрога, како би можеле полесно да ги сокријат и да ги прикажат дека се за лична употреба, а не за препродавање.

Најчесто, продажбата на наркотици се врши преку претходно договарање по телефон или со користење на разни апликации на интернет, а доставата се врши на тој начин што дилерот му ја остава дрогата на корисникот на определено договорнео место, а парите се врачуваат подоцна.

СВР Битола продолжува со преземање на интензивни мерки и активности за разбивање на таквите криминални групи и за поднесување на соодветни пријави.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.