Свечено отварање на Спомен соба на Кирил Македонски во Битолскиот Завод и Музеј

„ На музиката ѝ претстои исклучително значајна улога во животот на човекот и на универзумот, каква што денес едвај можеме да ја предвидиме“, истакнал своевремено композиторот на првата македонска опера, Кирил Македонски.

Свеченото отворање на Спомен-собата во негова чест, во рамките на НУ „Завод и музеј“ – Битола, ќе се одржи со свечена академија на 23.12.2025 година (вторник), во 19:00 часот. Истата содржи ексклузивен материјал за композиторот, бројни информации за животот и делото, обемна литература, како и оригинали и лични предмети, од кои дел оваа година семејството на великанот ги предаде на Музејот, институцијата која има посебно место во чувањето, заштитата и презентирањето на македонското културното наследство.

Повеќе од 300 книги од семејната библиотека, 20 регистратори со ретки документи, 3 семејни фото албуми, опери, партитури, либрета, писма, оперети за деца, хорски дела, симфонии, филмска и драмска музика, детски песни, ретки списанија, плакати за настани, дипломи, награди, лични предмети, лични документи, се само мал дел од обемниот материјал.

Настанот е еден дел од проектот

„100 години од раѓањето на Великанот Кирил Македонски“. НУ „Завод и музеј“- Битола со гордост го чува и клавирот на кој што Македонски ја компонираше првата македонска опера.

Да се потсетиме кој бил Кирил Македонски

Тој бил роден на 19.01.1925, во Битола. Човекот визионер, со многу напредни идеи за своето време, авторот на првата македонска опера „Гоце“ (1954), како и на оперите „Цар Самоил“ (1968) и „Илинден“ (1973). На подрачјето на оркестарската музика, значајно дело е симфониската поема „Танчарка“ (1952), како и петте симфонии. Паралелно со компонирањето, Македонски се занимава и со проблемите од областа на музичката психологија, посебно со музикотерапијата, постигнувајќи видни резултати на тој план и во меѓународни размери. Неговото творештво е огромно. Освен издадените дела, во оригинални ракописи постојат бројни партитури кои допрва ќе се откриваат.На свечената академија ќе се изведат арии од операта „Гоце“ и „Цар Самоил“, Хорски дела како и една праизведба на Суита за обоа и фагот.

(Новинарските написи и фотографијата се дел од ексклузивниот материјал кој семејството на Македонски го отстапи на Битолскиот Завод и Музеј).




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.