Оваа сабота, на 27 септември 2025 година, Прилеп беше домаќин на свеченост по повод две големи годишнини – 16 години од основањето на Институтот за современи композити и роботика (ИСКР) и 35 години од основањето на компанијата Микросам.
Настанот се одржа во просториите на Институтот и Микросам, во присуство на високи претставници на Владата на Република Македонија, меѓу кои министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, поранешниот претседател проф. д-р Ѓорѓе Иванов, ректорот на УКЛО – Битола проф. д-р Игор Неделковски, како и бројни професори, соработници и партнери.
Монографија што инспирира
По повод годишнината, под водство на проф. д-р Благоја Самакоски, Институтот ја издаде својата прва монографија – публикација што низ документирани достигнувања, образовни програми и научни проекти, ја отсликува трансформацијата на една визија во реалност.
Во својата монографија тој истакна:
„Денес, 16 години по неговото отворање, со гордост можеме да кажеме — ГОРДИ СМЕ. Горди сме затоа што, во мала земја, преку лична посветеност и креативност на нашиот тим, успеавме да го создадеме првиот приватен научен институт во техничката област на територијата на поранешна Југославија, и еден од ретките во Европа што активно работи на истражување, развој и едукација во областа на композити, автоматизација и роботика.“
Директорот на ИСКР, д-р Драган Велјаноски, ја промовираше оваа монографија посветена на историјата и развојот на Институтот. Ова е приказна за тоа како еден град создаде вистински центар за знаење, истражување и технолошка едукација.
16 години достигнувања на ИСКР
Во текот на своето постоење, ИСКР може да се пофали со:
- Над 350 реализирани истражувачки проекти, голем дел со директна индустриска примена за светски лидери како NASA, Spirit Aerosystems, GKN Fokker (развој на материјали за складирање водород, лесни структури за авијација и автомобилска индустрија).
- Специјализирани лаборатории за топлинска анализа, механички тестови, роботика, автоматизирана лента и влакна, CNC контрола и автоматизација.
- Успешно реализирани магистерски студии по современи композити и роботика и композитни материјали.
- Над 400 професионални обуки и курсеви за инженери и технички кадар, како и програми за деца и практикантски семинари во соработка со Микросам.
- Повеќе од 100 научни трудови објавени во меѓународни списанија со значаен научен импакт.
35 години Микросам – македонска приказна со глобален успех
Свечениот дел продолжи со презентација од д-р Самоил Самак, генерален менаџер на Микросам, кој ја претстави 35-годишната приказна на компанијата – од мал тим во Македонија до глобален лидер во автоматизирани линии и софтвер за композити.
Денес, Микросам брои над 340 инсталирани линии во повеќе од 45 земји, со тим од 180 вработени и технологии кои се користат во автомобилската, авионската, вселенска индустрија, и голем број други.
„После 35 години, пораката е едноставна: Македонија може да создава технологија од светска класа. Благодарност до сите вработени – секој еден од нив е дел од успехот наречен Микросам. Благодариме и на нашите соработници, клиенти, универзитети и институции, за довербата и поддршката. А најдоброто допрва доаѓа “ – изјави д-р Самоил Самак.
Поглед кон иднината
Двојната прослава испрати силна порака: со визија, знаење и посветеност, Македонија рамноправно е вклучена на светската сцена. ИСКР и Микросам остануваат посветени на мисијата за развој на нови генерации инженери и технологии што ќе ја обликуваат иднината.