Со низа пригодни свечености денеска во Прилеп беа одбележани 100-те години од раѓањето на Мирче Ацев, еден од најистакнатите македонски револуционери од Втората светска војна. Во просториите на градската библиотека „Борка Талески“ беше оддржана свечена академија по повод 100 години од раѓањето на „Мирче Ацев“.
Ацев потекнува од револуционерна фамилија од селото Оревоец, Прилепско, чии членови целиот свој живот го посветиле на ослободувањето на македонскиот народ. Дедо му Аџи Костадин бил убиен од Турците. Негови чичковци се познатите војводи Петре (1877-1939), Гога (1883-1906) Илко и Мирче Ацев (1853-1901), по кого е крстен и народниот херој. Неговиот татко Дончо исто така бил активист во прилепската револуционерна организација по илинденскиот период.
Сестрата на Мирче, Вера Ацева (1919-2006) е една од 7-те жени народни херои на Македонија, а братот Димче исто така е борец во НОБ. Всушност, целата фамилија била вклучена во борбите за самостојна Македонија, која дала 14 жртви и двајца народни херои.
Денеска делегација предводена од општина Прилеп положи свежо цвеќе на Бистите на паднатите борци на Могилата на непобедените.