Само во Витлеем и Крушево: По 11-ти пат синоќа се одржа верската поворка “Дева” (Видео/Фото)

Убаво, празнично е пред Божик во Крушево.

По eдинаесетти пат на плоштадот “Никола Мартиноски” во Крушево, синоќа во пресрет на големиот празник Божик, се одржа традиционалната манифестација „Дева“.

Што е Дева?

Накратко, Дева е празник кој го слави појавувањето на ѕвездата која го најавува Христовотo раѓање.

Како се чествува?

Машки деца или возрасни мажи ги посетуваат домовите на Крушевчани држејќи во раката шестокрака ѕвезда и пеејќи песна со која го најавуаат Христовото раѓање. Домаќините за тоа ги даруваат со муштулук.

Што е Дева во чест на новото раѓање?

Тоа е проект на СОУ „Наум Наумовски – Борче“ од Крушево изработен во рамките на одржливиот развој на туризмот. Се потпира на три компоненти:

-економска да обезбеди приход на месното население. Затоа се тука индивидуалните производители од Крушево. Тука се и угостителските објекти од градот, наши редовни поддржувачи, кој имаат за цел да се претстават и да го испочитуваат празникот

-еколошка компонента, која во нашиов случај е запазена со минимална заштеда на електрична енергија. Како? Така што секој од нас, утрешната Бадникова вечера ќе ја помине во блажена атмосфера само под светло на бадниковите свеќи

-и трета компонента – социјална, која има за цел да го потпомогне месното население. Затоа е тука касичката, во која се собираат средства за првото бебе кое ќе се роди помеѓу две Деви на територијата на градот Крушево. Во тој дел покрај вас, многу ќе помогнат и нашите учениците, кои со ѕвездата ќе ги посетат домовите во Крушево и ќе го најават раѓањето Христово.

Младите демонстрираат вековна традиција. Велат, само во Крушево, па дури до Витлеем. Предбожиќни песни, навестувањата, голем број изработени шестокраки црвени ѕвезди, како онаа во Витлеем кога било навестено Исусовото раѓање.

Крушевчани се горди на традицијата која им ја објаснуваат детално на посетителите и на гостите, а тие, пак, гостите, воодушевени од впечатоците – на градскиот плоштад среде Крушево пробуват од посната трпеза, се топлат со напитоците во петојануарската зимска вечер и воодушевено се подготвени да им раскажувата на блиските и на пријателите – Предбожиќната петтојануарска вечер во Крушево вреди да се доживее.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.