Сакал да предизвика уште поголема катастрофа: Убиецот во Прилеп фрлил бомба и кон полицијата, за среќа не експлодирала целосно

Две лица, татко и син се убиени, а убиецот се самоубил ноќеска во Прилеп. Според првичните сознанија, 63-годишнен прилепчанец прво го лишил од живот својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 11 годишен син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања, а потоа се самоубил.

-Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата „Стеван Апостолоски“ околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски.

Сопругата на убиениот викнала полиција откако се загрижила што со часови ги немало нејзиниот сопруг и син. Полицијата пристигнала пред куќата околу 22 часот и кога се обидела да влезе, убиецот им фрлил бомба која полуексплодирала, но, не предизвикала никакви повреди.

-Полицијата ја ангажираше единицата Tигри која потоа околу еден часот по полноќ влезе во куќата и ги најде трите мртви тела, вели јавниот обвинител Стевчо Биноски кој направи увид на местото на трагедијата која ги шокираше прилепчани.

Наредена е обдукција на трите тела.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.