Денеска граѓаните од Ромска националност го празнуваат Меѓународниот ден на Ромите.
Осми април е денот посветен на историјата и културата на Ромите, кој се одбележува низ целиот свет, афирмирајќи ја потребата од поголема поддршка за ромската популација која се соочува со социјални и економски проблеми.
Тимот на порталот Маркукуле, ценејќи го значењето на културните вредности и специфики на Ромската заедница, како и тоа дека Ромите се интегрален дел од македонското општество, им го честита денот, со желби и надеж дека во оваа наша држава ќе се надминат сите стереотипи и дека еднаш засекогаш сите граѓани ќе бидат еднакви.
Прилеп е град каде Ромите со години живеат рамо до рамо со своите сограѓани од Христијанска вероисповест. Прилеп е град каде со векови постои соживот и меѓусебно почитување.
Но, ако граѓаните се почитуваат помеѓу себе, политичарите се тие кои треба да направат и создадат услови за еднаков живот и услови за сите граѓани.
Ромското население не смее да биде користено само како машинерија за изборите, не смее да биде мета на било каква манипулација и злоупотреба.
За жал, состојбата во Прилеп е лоша. Овие информации ги добивме денеска од повеќемина претставници од ромската националност.
Тие велат дека ветувањата дадени во пресрет на локалните избори во 2017 година од актуелниот градоначалник Илија Јованоски, биле само празни зборови на хартија и тапкање по рамо.
Ромската населба “Три багреми” и по година ипол од стапувањето на Јованоски на функција сеуште нема основни услови за живот.
Ромите од Прилеп велат дека повеќе нема да дозволат да бидат манипулирани и злоупотребени само за постигнување на политички цели.