Рокот истекува денеска: Важно потсетување, казните се големи

paridenari9

Најдоцна до 25 овој месец фирмите имаат обврска на работниците да им издадат збирна пресметка за исплатени приходи, платен персонален данок и придонеси за минатата година.

Издавањето на збирната пресметка е законска обврска врз основа на која граѓанинот ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.

Управата за јавни приходи соопшти дека доколку компаниите до 25 јануари не ги издадат овие збирни пресметки за вработените предвидена е глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице ќе му биде изречена глоба во износ од 30 проценти од одмерената глоба за даночниот обврзник.

УЈП напоменува дека до 31 јануари по електронски пат фирмите треба да поднесат до Управата за јавни приходи годишен извештај за извршените исплати на граѓани во 2016 година по основ на откуп на земјоделски производи и годишен извештај за извршениот откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци во 2016 година. Годишен извештај поднесуваат и организаторите на зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, а до крајот на јануари треба да се поднесе и годишен извештај за извршени исплати на приходи на физички лица во 2016 година, по основ на лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од општи игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по добивка.

– Исплатувачите кои извршиле исплата на приходи од добивки од посебни игри на среќа (игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб) немаат обврска да поднесат Годишен извештај “ПДД-ГИ“, информира Управата за јавни приходи.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.