Родители научете ги своите деца: Новинар од Македонија раскажува со што се соочила неговата ќерка со аутизам во парк

Новинарот на Радио МОФ, Бојан Шашевски, напиша јавен статус на Фејсбук кој треба да ги замисли сите родители во Македонија.

Статусот на Шашевски проследете го во продолжение:

“Денес имав една случка.

Со ќерка ми бевме на лулашки во парк. Семејства со деца насекаде. Се качи на мини вртелешката. Се вртеше заедно со две деца на околу 6-7 години. Ја гледав седнат од дистанца. Почнаа да и’ зборуваат нешто. Дарија (се уште) не може да им врати, има аутизам. Ја гледаа како се радува на вртелешката, како изразува радост со рацете во вис. Дарија продолжи да се смее и вика гласно. Така артикулира задоволство. Убаво и’ беше, во друштво.
Децата повторно пробуваат да зборуваат со неа, но сега полни со себе:

„Зошто не зборуваш ма!? Абе, оваа е ретардирана. Хаа, редардирана е! Ти ма, редардирана си а?!“.
Едното почна да ја боцка со рака по рамото. Другото и’ ја фати главата, а со другата рака петте прсти во вис, нагоре како да врти сијалица. Се издра пред сите, покажувајќи кон Дарија: „Оваа е ретардирана!“.

Смеа и викање од околните деца. Молк од родителите. Како сцена од филм, некој од 90-ти, полн со локални стереотипи.
Дарија ме бараше со поглед, беспомошно. Осети раце врз себе како ја буткаат, како продолжуваат да ја задеваат и да и се дерат „Кажи ма нешто!“.

Бев на 20-ина метри, почнав да се приближувам.

Дарија веќе беше напната. „АаааарррххххХХ“. Се исправи, ги затна ушите со раце. Така прави кога се вознемирува. Вртелешката се движеше, ја занесе, ама стигнав да ја фатам за рака. Се исправи. Ме стисна за рака, почна да ми ја мава раката од лутина. Потоа ме фати силно за тело. Силно ме гушна и ја пикна главата меѓу вратот. Се тресеше и ги крцкаше забите од нервоза.

„Зошто не сака да збори?! Уште ли не зборува?!“

„Да. Ќе прозбори. Ама, сака да се дружи. Не треба да ја закачате“.
Некоја мајка се приближи. „ХхХхХ, извини се на девојчето. Ме слушаш ли, извини се на девојчето!“.
„Нема потреба таа да се извинува“.

Се оддалечивме со Дарија, се качивме на клацкалка. Брзо се смири. Јас бев сега вознемирен. Болеше. Многу болеше! Одвнатре грозно и мачно. Плачев, а Дарија ме бришеше по лицето. Ме гушкаше.

Ми текна каде Дарија живее. Каде расте. Ми текна и на сите пријатели и познаници што споменуваат „Абе овој е ретардиран“ кога оговараат некој човек. Децата, за разлика од нив, се искрени. Не прават лице. Само учат.
До сите пријатели. Следен пат кога во друштво ќе ве чујам „овој е ретардиран“, очекувајте од мене – школски шамар! Или мини заушка! Да осетите болка. Онака, другарски. Чисто да ви текне за следен пат”.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.