Со натпреварите од 19. коло, закажани за 7 февруари, продолжува првенството во машката ракометна Супер лига на Македонија, а додека трае Европското првенство во ракомет, стручните штабови на екипите прават планови и се во полн ритам на зимски подготовки. Меѓу нив е и Ракометниот клуб Прилеп, кој подготовките ги реализира во својот град.
Стручниот штаб на прилепчани, предводен од главниот тренер Наум Танески и неговиот асистент Методија Петлески, одлучи целиот подготвителен период да се одвива во Прилеп. Во рамки на подготовките, не е исклучена можноста клубот да одигра и неколку контролни, пријателски натпревари.
Што се однесува до играчкиот ростер, клубот во продолжението од сезоната ќе настапи без левиот бек Божидар Лековиќ, кој го напушти тимот. Наспроти тоа, Прилеп го засили десниот бековски ред со ангажманот на Никола Шипинкоски, кој пристигнува од Охрид, како и Лука Ѓорѓиевски од редовите на Еурофарм Пелистер од Битола. Засега не се планирани нови заминувања, а клубот ја остава отворена можноста за дополнително засилување.
Во трката за место меѓу шесте најдобри екипи и пласман во плејофот, прилепчани ги очекува тежок предизвик уште на стартот од продолжението на сезоната. Во 19. коло, закажано за 7 февруари, Прилеп ќе гостува кај директниот конкурент – екипата на Охрид.
По досегашниот тек на шампионатот, водечка е екипата на Вардар со 34 бодови, пред Еурофарм Пелистер со 30. Охрид и Алкалоид имаат по 29 бодови, додека Тиквеш и Бутел се со по 18. Следуваат Еурофарм Пелистер 2 со 17 бодови, Прилеп со 16, Пролет со 12, Куманово со 7, Струга со 6, а Радовиш е без бодови.
























