Ристески ќе продолжи да носи инвестиции во Прилеп – Покрај “ВИК”, “ГЕНТЕРМ” и “Акомпласт”, наскоро можеме да очекуваме и турски фабрики

Поголема бизнис делегација од општината Тире во Измир, Турција, деновиве ќе биде во посета во Прилеп, за да се запознае со можностите каде може да се инвестира во прилепската економија.

Делегацијата ја предводи градоначалникот на Тире, Хајати Окуроглу (Hayati Okuroğlu), а во истата има и претставници од економско-индустриската зона „Тире“, како и поголем број на стопанственици од овој град. Тие денеска остварија средба со бизнис секторот од Стопанската комора во Прилеп, градоначалникот Борче Јовчески и заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој своевремено беше иницијатор на ваквата соработка со турските бизнисмени, откако додека тој беше градоначалник Прилеп се збратими со оваа турска општина.

Ова е повратна посета, каде минатата година во посета на Тире и Измир беше македонска делегација составена од повеќе компании и градоначалници од Пелагонискиот регион.

-Оваа посета е одлична можност за продлабочување на економската соработка помеѓу двете држави, а мене ми е особено драго негувањето на ова пријателство бидејќи како градоначалник бев потписник на меморандумот за соработка и збратимување на Прилеп со градот Тире.Се надевам дека за брзо време ќе ставиме камен темелник на една фабрика од овој регион, тука во околината, а од друга страна се надевам дека во Измир ќе биде отворена и трговска канцеларија за врски на бизнисите од овој дел, пелагонискиот дел на Република Македонија, но и од околината на Измир, вклучувајќи го и градот Тире, истакна Марјан Ристески, заменик министер за економија.

-Како Општина Прилеп имаме можност да им понудиме да пројават интерес, како за размена на сите стопански дејности, така и отворање на нови инвестиции, нови фабрики во нашата индустриска зона и во комплексот на општина Прилеп, изјави градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

-Не се надевам, сметам дека како 2 општини кои се побратимивме, сега ние ќе имаме состанок со моите бизнисмени и ќе ги терам тука да инвестираат“, вели Хајати Окуроглу, градоначалник на општина Тире.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.