Членовите на Советот на општина Прилеп на вчерашната 25-та седница ја усвоија Годишната сметка на општинскиот буџет, како и Годишниот извештај на Општина Прилеп за 2018 година. После седницата изјава за медиумите даде координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Петар Ристески.
“Процентот на реализација на капиталните инвестиции изнесува мизерни 24% или досега најниско ниво од постоењето на локалната самоуправа. Од она што градоначалникот го ветуваше пред изборите, затворен базен, реновирање на Старата прилепска чаршија, спортско-рекреативен центар, завршување на училиштето во населбата Сточен пазар, и многу други проекти за кои граѓаните му дадоа доверба, нема ништо. Нема ништо ниту од ветувањето за 20% пониски сметки за вода. Граѓаните беа сведоци дека добија за 60% повисоки сметки. Направија двојазичен Прилеп и направија Прилеп во Северна Република Македонија. За две години централна власт и нецели две години локална власт, оваа власт не направи ништо друго, ја обезличи државата, донесе пустош во Прилеп и стори само едно нешто, непотизам на секој чекор. Си ги вработуваат своите роднини, сопрузи, ќерки, внуци, фамилиите до деветто колено. Еве денеска во извештајот за работата на ЈКП Водовод и канализација има потрошено 8 милиони денари повеќе за 2018 година во споредба со претходната година, за привремени вработувања иако обемот на работа е ист”, истакна Ристески.