Живееме во време на најнеспособната власт, како на централно така и на локално ниво од осамостојувањето на Република Македонија. Живееме во време кога распродавањето на националните интереси стана примарна цел, додека народот оставен на маргините едвај врзува крај со крај, ова вчера на прес-конференција го истакна Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
-Она што оваа ненародна, криминална власт, досега им го понуди на граѓаните е срамна продажба на нашето вековно име, срамна продажба на историјата за која гинеа нашите предци, срамно бришење на идентитетот преку склучување на катастрофални, губитнички договори како со Грција така и со Бугарија. За жал после работата на комисиите и смена на учебниците по историја, нашите деца од наредната учебна година ќе мора да учат за некаква нова творевина за чие создавање постои виновник со име и презиме, а тоа е Зоран Заев, и владата предводена од него. Народот добро се сеќава како истиот тој Зоран Заев, од центарот на нашиот град ја најави двојазичноста низ цела држава, која на шверцерски начин ја истурка во Собрание само за да остани на власт, истиот Заев кој ја погази народната волја изразена преку бојкот на референдумот и го промени името на нашата држава Република Македонија. А пред неколку дена, говореше и за некаков увоз на странска работна сила, што го отвора прашањето дали со таквиот говор го најави доаѓањето на мигрантите? СДС за само 2 години успеа да ја униште економијата која и официјално доби оцена 0 од странските инвеститори. И наместо да го лажат народот дека 2018-та била рекордна година по број на странски инвестиции со некоја неиздржана бројка од 625 милиони евра, нека излезат и нека кажат барем една фабрика отворена во Прилеп во нивно време? Таква нема, која е уште еден доказ за сета нива неспосбоност. И наместо да го продолжат трендот на носење странски инвестиции кој го почнавме во наше време, за што сведочат отворените фабрики, тие се занимаваат со непотизам од невидени размери, се занимаваат со вработување на нивни внуки, ќерки, роднини и пријатели на високи функции во државните институции. Ги избркаа младите! Иако Јованоски во предизборната кампања ветуваше дека ќе креира економски услови за нивно враќање, засега ништо од ветеното. Младите како никогаш претходно си заминуваат и ја бараат својата егзистенција во другите држави. Ја немаат сите привилегијата да бидат роднини со градоначалникот Јованоски, или да бидат негови блиски пријатели, додава Ристески.
Тој вели дека Јованоски ветуваше и за 20% пониски сметки за вода. Уште една лага и лажно ветување! И наместо за 20% пониски сметки за вода, прилепчани плаќаат повиски за речиси 60%.
-Јованоски ветуваше и затворен базен во сала „Македонија“, реставрација на старата прилепска чаршија, нов театар, заживување на спортот во Прилеп, европска Победа и многу други проекти кои најверојатно ќе останат само празни ветувања, ако се земе предвид летаргичноста на локалната власт која успешно го преспива мандатот. Доказ за сето тоа се и мизерните 20% реализација на капитални проекти. Ги извисија и пензионерите на кои им ветуваа повисока пензија за накрај да им ја намалат и онаа која ја земаа, ги извисија наставниците и професорите кои земаат и до 7000 денари пониска плата од просечната, ги извисија вработените во Еурокомпозит кои 2 години константно ги лажат за заслужената плата и придонеси. Почитувани, во ЕУ и НАТО не се оди само со антидржавно однесување и продажба на национални интереси, во ЕУ и НАТО се оди со инвестиции, со квалитетно здравство и образование, со силна економија, со реформи во правосудството, се оди со работа, а не со цутење на непотизам, криминал и корупција. Затоа граѓаните на 21 април, ќе ја казнат оваа неспособна власт! Ќе ги казнат сите погазени ветувања! Ќе ги казнат сите погубни политики и својот глас ќе го дадат за број 2 и професорката Гордана Сиљаноска Давкова! Воедно, ги повикувам сите граѓани на најмасовниот митинг организиран од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, што ќе се одржи на 12-ти април во петок, со почеток во 20:30 часот на градскиот плоштад во Прилеп. Заедно сплотени, да го победиме ова зло, кое освен црнила, чемер и јад, не донесе ништо корисно за Македонија! Ќе има правда! Македонија ќе продолжи да чекори напред!, потенцираше Ристески.