После скандалот со бесправното градење на диво на хотел во градскиот пазар на негов роднина, милионската сума за набавка на четирите автобуси и стопирана изградба на мовчето во населбата Сточен пазар за 500.000 евра, која сума во меѓувреме може да стане повисока, денеска одново ќе презентираме сомнежи за можна злоупотреба и сомнителни јавни набавки од страна на градоначалникот Илија Јованоски – oва на денешната прес конференција го истакна Петар Ристески, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост во продолжение:
“Имено, градоначалникот на 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Прилеп, пресече лента за новиот споменик посветен на Масакрот кој бугарскиот окупатор го извршил во село Дабница.
Според тендерската документација за овој споменик објавена на електронскиот систем од Бирото за јавни набавки, крајниот рок за поднесување понуди и отварање на истите за реставрација и поставување на споменикот бил 5-ти ноември 13:00 часот, а истиот беше поставен на 3-ти ноември. Чудно и надвор од сите законски правила и прописи. Прво го поставил споменикот, а дури после два дена е отварањето на понудите за најповолен понудувач кој би го поставил истиот.
Соочени со ваквиот голем пропуст и сакајќи веројатно да се скријат од одговорност, тендерот бил поништен, но и покрај тоа, повторувам, споменикот
беше поставен на 3-ти ноември.
Градоначалниче, еве јавно ве прашуваме, како, на кој начин и според кој критериуми сте избрале изведувач на овој споменик?
Дали е точно дека тендерот сте го поништиле бидејќи не сте добиле ниту една понуда?
Граѓаните на Прилеп ги интересира како и кој без завршена тендерска постапка, без склучен договор, ги заврши потребните работи за реставрација и поставување на споменикот и го постави споменикот?
Уште еднаш ве прашуваме, кој е изведувачот на работите за поставување на овој споменик, кој го избра и во каква постапка?
Што ли ќе лажете сега и со какви ли закани за тужби и пријави ќе се браните овој пат?
Секој ден поминат на власт ви е исполнет со скандали и сомнежи за незаконско трошење на парите на граѓаните.
Ова е само уште еден во низата скандали, за кои ќе се бара одговорност и ќе се провери се до последен детал.
На градоначалникот Јованоски и власта на СДСМ одново им порачуваме! Без разлика на тоа колку сте заштитени од јавното обвинителство и останатите органите на прогон, правдата ќе ве стигне после 3-ти јануари.
Република Македонија ќе ја биде, но само без вас на власт”.