По двете изведби на 23 и 24 септември, „Рибарски караници“ на Битолскиот театар беше изведена во Куманово .
Оваа урнебесна комедија беше дел од Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“ – што за Битолскиот театар претставува уште едно признание за трудот и енергијата на актерите и тимот. Годинешново мото на Фестивалот е „Сите се смееме на ист јазик“.
Оваа претстава е во режија на Јован Ристовски.
„Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува“, изјавува Ристовски.
Публиката до солзи ја насмеаа: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костими Андреј Ѓоргиевски, композитор на музика Александар Димовски, светло мајстор Игор Мицевски, инспициент Оливер Петровски, суфлер Гордана Михајловска, продуцент Димитар Михајловски.
Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија.
Љубителите на комедијата ќе имаат можност да проследат 11 претстави од Македонија, Србија и Бугарија кои годинава ќе се најдат на репертоарот. Па така покрај „Рибарски караници“ на Битолскиот театар тука се и : МНТ – Скопје со „Бог на колежот“; Театар Комедија – Скопје со „Долна дупка“; Театар Струмица со „Петок 13“; Театарот од Прешево, Србија, со претставата „Едно предавање“; театрите од Крагуевац со претставата „На трагот“; Театар Пирот од Србија со претставата „Покондирена тиква“; Сатиричен театар Софија со „Постојаната сопруга“. 28 издание на Фестивалот беше отворен со театарот од Велес со претставата „Госпоѓа министерка“, кога беше доделена и наградата Васил Иљоски на актерката Весна Петрушевска за особен придонес во театарската уметност особено во делот на комедијата по претходна донесена одлука од Советот на фестивалот во состав на: Сања Русеска, Владанка Крстевски, Крсто Богојевски, Сефедин Шабани, Александар Крстевски и Сашо Тодоровски.
Како и секоја година, Театар Куманово ќе го затвори фестивалот, овој пат со претставата „Разбуди се Тина“ во режија на Драгана Таневска, која премиерно ќе биде одиграна на 9 октомври, но и ден потоа, 10 октомври, при доделувањето на фестивалските награди. Овој фестивал, се одржува под покровителство на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам на РМ.