На 20 декември 2024 /петок/ од 19ч. во Ликовната галерија на ЦК „Марко ќе бидe отворена ретроспективна изложба на дела од Илија Миноски. ( 20.12 – 10. 1.2025). Изложбата е дел од годишната програма на Центарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.
За ретроспективната изложба од Илија Миноски:
текст од м-р Викторија Димеска, историчар на уметност
Прилепскиот ликовен уметник Илија Миноски, врвен виртуоз на акварелот, е роден во 1936 година во уметничко семејство — неговиот татко Кирил Миноски исто така бил уметник и го негувал ликовниот визуелен израз. Матурирал во Училиштето за применета уметност во Скопје во 1960 година, а во 1978 година дипломирал на Педагошката академија во Скопје, отсек за сликарство, во класата на професорите Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов. Од 1962 година работел како наставник по ликовно образование во ОУ „Климент Охридски”. Реализирал бројни самостојни изложби и учествувал на повеќе групни изложби во различни градови низ Македонија, Србија и Грција. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија: наградата на ДЛУП за најдобро ликовно остварување од 1981 година, признание од Културно-просветната заедница на Прилеп за ликовно уметничко творештво во 1985 година, четирикратен добитник на награда за најдобар педагог и специјална награда во Битола и еднаш во Нови Сад, трикратно признание за најдобар акварелист во Бугарија и еднаш во Грција, како и награда за животно дело од градот Прилеп во 2013 година. На меѓународните изложби со своите ученици освоил впечатливи признанија — во Индија три златни, два сребрени и еден бронзен медал, а во Јапонија две златни, еден сребрен и два бронзени медали.
Во каталогот за изложбата Акварели, Гордана Бабиќ Јанеска пишува: „вистинскиот свет на Миноски…има значење само како медиум кој го подредува на својот дух опседнат од лирско-поетски и драмско-музички расположенија”. Кирил Ефремов во каталогот изработен по повод самостојната изложба на Илија Миноски во Скопје (1999 година) напишал: „во своите акварели прави неповторливи засечоци како трајни отпечатоци на својата душа со претпоставливост и впечаток, небаре пејзажот се насликал сам од себе, во еден здив”. За неговото творештво, во каталогот подготвен за самостојната изложба во родниот град Прилеп, Елизабета Дерменкоска-Цефи додава дека „неговите дела претставуваат трепет во променливиот непостојан ритам на животот”. Во истиот каталог новинарката Каролина Мицевска во текстот насловен Уметник на мигот ќе напише: „кога ги гледам неговите акварели, суптилно и многу лесно насликани, добивам неодминлива желба да сум таму, во светот кој тој го создава“.
Академскиот уметник Илија Миноски изградил сопствен автентичен ликовен израз преку експериментирање со многубројните технички можности што ги нуди акварелот. Со брзи и експресивни потези на сликарската четка уметникот создавал вибрантни и енформелни содржини. Неговите студиозни експресивни и колористички интервенции евоцираат некогашни заборавени сеќавања.
Преку слободната игра со колоритот врз сликарската подлога, уметникот неуморно во континуитет творел динамични и впечатливи антропоморфни облици. Со современ уметнички сензибилитет, Миноски ги апстрахирал човековото тело и портртет. Неговиот ликовен и симболичен јазик е создаден од живописни асоцијативно-апстрактни претстави, збогатени со многубројни минуциозни линиски акценти.
Лиричните графицизми спонтано ги обвиткуваат деловите од човечката форма и лик, истовремено облагородувајќи го визуелниот и семиотички израз на уметникот. Длабоката посветеност кон акварелната техника му овозможила на уметникот постојано да го развива и усовршува до највозвишените естетски идеали сопствениот препознатлив ликовен израз. Во текот на долгогодишната кариера, преку акварелната техника, ликовно истражувал разновидни мотиви — од староградската прилепска архитектура и пејзаж до разни апстрахирани и симплифицирани актови и портрети.
Современиот академски уметник Илија Миноски експериментирал со колоритот, просторот и формата, истовремено ослободувајќи ги облиците од нивните контурни окови и ригорозни структури, како и создавајќи креативни и неповторливи, односно единствени апстрахирани или флуидни површини што потсетуваат на етерични сеќавања и спомени – вели м-р Викторија Димеска.