Мерката за државна помош за трошоците за пензиско и здравствено осигурување за приватниот сектор во случај на зголемување на платите на вработените до 6000 денари наиде на критика како “непазарна, популистичка мерка” итн. Пред да се критикува оваа добра и стимулирачка мерка и за работодавачите и за вработените (што значи раст на платите без штета врз ПИОМ и работниците), добро е да се погледнат податоците и ефектите по ПИОМ и по работниците од проектот на претходната влада “Македонија вработува”. Ова го напиша Фросина Ременски на Фејсбук денеска.
– Со тој двегодишен проект беа вработени близу 36.000 луѓе од различни категории во околу 14.000 фирми на определен временски период за кој компаниите беа ослободени од плаќање на социјални придинеси за платите што им ги исплаќаа на вработените. Придонеси требаше да се платат само доколу на работникот му исплаќаат плата над тогаш просечната плата. Податоците велат дека најголемиот дел од вработените примале тогашна минимална плата од 8000 денари и ниту еден над 23.000 денари. На сите вработени по овој проект во ПИОМ само им се евидентираше стажот. Ослободувањето на фирмите од плаќање на социјалните придонеси за платите на вработените не само што значи неплатени придонеси за евидентираниот стаж, туку и континуирано продуцирање на дефицит во буџетот на ПИОМ кој само од овој проект трпи загуби од над 200 мил. евра. За стабилен пензиски фонд, без последици по работничките права се потребни мерки кои преку државна помош за социјалните придонеси ќе значат и поголема плата во приватниот сектор и поттик на работодавачите да вработуваат и задржуваат работници на работните места, а со тоа и да продуцираат стабилност на пензискиот систем и исполнување на правата од работен однос за работникот, напиша таа.