За прв пат во Прилеп, а втор пат во Македонија, денеска на одделението за ортопедија и трауматологија при прилепската болница “Борка Талески”, се направи артропластика на главата на радиусот кај 37-годишен пациент, кај кој после скршеницата во предел на лактот имаше нефункционалност на зглобот, со ограничени движења и потешкотии во движењето на раката.
Операцијата која беше извршена под водство на д-р Кире Јоноски и д-р Игор Мерџаноски, како и помошниот медицински персонал, отвара ново поле за работа во болницата во Прилеп, со цел воведување на нови современи техники во третман на пациентите.
-Oперативниот тек помина уредно, пациентот се чувствува добро, функцијата на ракате е вратена по поставената протеза на радиусот. Тимот од ортопедско-трауматолошкото одделение се надева дека со континуирана едукација и воведување на вакви нови методи на лекување, во иднина ќе придонесеме за што поголем број задоволни пациенти, кои ќе можат да бидат третирани тука на нашиот оддел, а со цел да се избегнат дополнителните трошоци за пациентите, кои досега за ваква проблематика беа упатувани во клиниките во Скопје и во странски центи, истакна Д-р Кире Јоноски.
Од болницата информираат дека веќе наредната недела, во Прилеп за прв пат ќе се изврши операција на рбетен столб.